Владата на својата редовна седница одржана во саботата го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година, и најави дека ќе го достави на усвојување до Собранието, со што се отвора патот за предвремено ратификување на Протоколот за членство на Македонија во НАТО од страна на пратениците пред распуштање на сегашниот пратенички состав.
– Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор на нашата земја со НАТО, кој ќе биде пуштен на усвојување во Собранието, се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во „Службен весник“, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата, соопшти владината прес-служба.
Собранието, согласно договорот за одржување на предвремените парламентарни избори, треба да се распушти на 11 февруари, а засега е неизвесно дали дотогаш Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство во нејзиниот Парламент, бидејќи во земјата се уште нема договор за формирање нов влада по ноемвриските избори.
На маргините на Самитот на НАТО во Лондон, што се одржа на почетокот на месецов, премиерот Зоран Заев имаше средба со неговиот шпански колега Педро Санчез, од кого добил ветување дека Шпанија мошне скоро ќе го ратификува Протоколот за членство на земјава во Алијансата, по што во текот на следниот месец би ја депонирала ратификацијата во Вашингтон. Шпанија е последната од членките на НАТО, која треба да го ратификува Протоколот.
Поради неизвесноста околу формирањето на новата шпанска Влада, идејата за „предвремена“ или „условна“ ратификација прва ја пласираше ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на искуството на Црна Гора.
Оваа поранешна југословенска република документите неопходни за нејзиното членство во НАТО ги ратификуваше во април 2017 година, а Холандија и Шпанија извршија ратификација на Протоколот за членство на Црна Гора во Алијансата дури следниот месец.
Премиерот Заев ваквата иницијатива ја нарече „опција што вреди да се разгледа“.
– Евентуалното одложување од Шпанија, кое не верувам дека ќе се случи, ја отвора можноста да направиме условна ратификација во самиот Парламент, која би била објавена од страна на претседателот на државата, од страна на Парламентот, веднаш со ратификацијата во шпанскиот Парламент. Овде постапката и процедурата е усогласена со НАТО централата и тоа можеме да го направиме, за чесно, достоинствено и гордо да бидеме 30 земја-членка, која ќе ја направи ратификацијата. И затоа одиме сериозно и одговорно во делот на постапките без какви било политички калкулации, рече Заев.
Иницијативата наиде на поддршка и од Алијансата за Албанците, која бараше ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО да се спроведе уште на пленарната сесија на 11 декември.
– Денес е време да поднесеме барање до Владата и до сите политички партии дека поддржувањето на ваква иницијатива нема да биде прв пат. Затоа што има преседани. Исто така, имало слични случаи кога не гласале сите земји, како што е случајот со Црна Гора, рече тогаш лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
Но, собранискиот спикер Талат Џафери изјавуваше дека ратификација со одложено дејство не е можна и дека ако Шпанија не го ратификува Протоколот до распуштањето на Собранието, усвојувањето на Северноатлантскиот договор ќе треба да го стори следниот парламентарен состав.
Тој оцени дека Владата, а не Собранието е надлежна за постапување по иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремено доставување на Предлог-законот за ратификација на договорот за НАТО. – Треба да се препрати до надлежниот орган на кој што се однесува проблематиката, во конкретниов случај до Владата на Република Северна Македонија, изјави тогаш Џафери.