Собранието денеска треба да ја одржи 35-та седница на чиј дневен ред единствена точка е Поставување на пратенички прашања. Во исто време закажани се и заседанија на Комисијата за финансирање и буџет и на Законодавно-правната комисија.
Комисијата за финансирање и буџет треба да ја продолжи 16-та седница на чиј дневен ред се предлог-законите за изменување на законот за финансиската инспекција во јавниот сектор, за експропријација, за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, за сметководството за непрофитните организации, за пријавување и евиденција на обврски, за административните такси и за стоковните резерви. Сите предлог закони се во прво читање.
Членовите на оваа Комисија, исто така во прво читање, ќе расправаат предлог – законите за изменување и дополнување на законите за комуналните такси, за даноците на имот, за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за банките, за јавен долг, за државната ревизија, за девизното работење и за ревизија.
Во второ читање и по скратена постапка членовите ќе расправаат и за предлозите на закони за изменување и дополнување на законите за акцизите и за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.
На дневен ред на оваа седница на Комисијата за финансирање и буџет е и Предлогот на закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој е со европско знаменце и е во прво читање.
Законодавно-правната комисија ќе одржи продолженија на четири седници, како и новата 47 седница.
На продолжението на 42-та седница на Законодавно-правната комисија, членовите во второ читање и по скратена постапка треба да ги разгледуваат предлозите на законите за задолжување на РС Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, по скратена постапка и со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, проект на градоначалникот Петре Шилегов.
Во рамки на продолжението на дневниот ред на 40-та седница на оваа Комисија се Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, Предлог – законот за изменување на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и Предлог – законот за дополнување на Закон за научно-истражувачката дејност, поднесен од пратеници, поднесен од пратениците Жаклина Лазаревска, Арбер Адеми, Јован Митрески, Зеќир Рамчиловиќ, Марија Костадинова, Драгица Ѓавочанова, Даниела Колева, Бисера Костадиновска Стојчевска, и Мирослав Јовановиќ. Двата предлог – закони се во прво читање.
На продолжението на 31-та седница на Законодавно-правната комисија по скратена постапка се предлог – законите за задолжување на РС Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор и на Проектот за модернизација на земјоделството.
Во рамки на продолжението на 45-та седница членовите на Законодавно-правната комисија треба да ги разгледуваат предлозите на законите за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита и за изменување на Законот за здравственото осигурување, како и на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта, поднесен од пратениците Бастри Бајрами, Кастриот Реџепи, Биљал Касами, Фадил Зендели, Сурија Рашиди, Илире Даути, Артина Ќазими, Зиадин Села, Халил Снопче, Абдула Салиу и Сафије Садики Шаини. Трите предлози се по скратена постапка и во второ читање. Во прво читање, пак, во рамките на оваа седница членовите на Комсијата треба да го разгледаат Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации.
По завршувањето на продолженијата на претходните седници, Законодавно-правната комисија треба да ја одржи 47-та седница на чиј дневен ред се предлозите на закони за изменување и дополнување на законите за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, за рибарство и аквакултура, и за берзи на земјоделско-прехранбени производи.
Членовите на Комсијата ќе расправаат и за предлозите на закони за изменување на законите за ловството, за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, за органско земјоделско производство, за квалитетот на земјоделските производи и за здравјето на растенијата.
Сите овие закони се во прво читање.
Во второ читање на дневниот ред на оваа седница се предлог – законите за изменување на законите за прекурзори и за за заштита на правата на пациентите.
На дневниот ред на 47-та седница на Законодавно-правната комисија се и барањета за давање на автентично толкување на член 136 став 6 од Законот за заштита на децата, поднесено од пратеничката Ане Лашкоска, на членот 45 од Законот за урбанистичко планирање, поднесено од градоначалникот на Општина Центар, на на член 78 од Законот за административни службеници) поднесено од пратеничката Силвана Ангелевска и на член 6 став 2 алинеја 2 од Законот за бесправно изградени објекти, поднесено од пратеникот Панчо Минов.