Закон со којшто ќе се казнува говорот на омраза ќе бараат пратеничките во Собранието откако во јавноста се почесто се искажуваат навреди, дисквалификации, дискриминација и омаловажувања не само кон нив, туку воопшто кон жените.
Ова ќе биде еден од заклучоците што треба да бидат усвоени на седницата на 8 Март во Собранието на која ќе се дискутира за напредокот на родовите прашања во изминатите дваесет години, откако постои и Клубот на пратенички.
Направено е многу во поглед на застапеноста на жените и унапредувањето на нивните права, но треба уште многу да се работи, сметаат пратеничките. Како еден од најактуелните прашања и најгорливо во моментов се посочува искажувањето говор на омраза во јавноста. Само пред една недела имаше два слични вакви инциденти и во Собранието, но завршија со извинување.
Генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка, која е една од двигател на Клубот на пратенички, Цветанка Иванова во изјава за МИА вели дека говорот на омраза во јавноста треба да се казнува со закон. Говорот на омраза, дискредитацијата и дисквалификацијата, додава Иванова, го рушат нивото на комуникација во сите сфери.
-Кога сме кај говорот на омраза, тој е широко распространет, не само на социјалните мрежи. Сега напредокот на технологијата овозможува практично секој да може за секого да изнесе навреди, омаловажувања, дискредитација и дисквалификации, но уште пострашно е што се случува говор на омраза и на политичката сцена. Мислам дека час поскоро ова треба да запре затоа што говорот на омраза е говор против демократијата, не е само навреда на поединец, туку и навреда на демократијата зашто слободата на говорот е навистина основно човеково право, но треба да има граница, механизам со којшто сето ова ќе се регулира. Мислам дека потребно е жените да поработат на законско решение со кое што ќе се санкционира говорот на омраза во сите сфери на социјалните мрежи, на политичката говорница, на политичката сцена, и тоа би требало да им биде приоритет на жените политичарки, вели Иванова.
Укажува дека во овие моменти е потребна поголема солидарност меѓу жените од различни политички кампуси заеднички да осудат вербални напади или говор на омраза кон која било жена. Предупредува дека тоа не треба да го прават само жените, туку целото општество.
-Во овие моменти, за ова што сега моментално се случува, потребна е поголема женска солидарност на жените од политичките партии, политичките кампуси, да се издигнат, во одредени моменти кога е нападната некоја жена со говор на омраза. Да се издигнат над своите партиски идеолошки определби и да смогнат сили да осудуваат такви настани. Но не можат да го прават тоа само жените, потребно е цело општество, институциите координирано да настапуваат, да функционираат, власта да изрази цврст став против говорот на омраза. Медиумите исто така да дадат свој придонес околу намалување на говорот на омраза во јавните средства, потенцира Иванова.
Според неа, и политичките партии внатре треба да поработат суштински на родовото прашање и говорот на омраза затоа што, како што посочува, се деградира целото општество.
-Самиот говор на омраза и изречена дискредитација и дисквалификација, го руши нивото на комуникација во сите сфери. Мислам дека ова е сериозна општествена штетна појава и треба да се позанимаваме од различни аспекти да можеме да го регулираме тоа затоа што во ова време ги имаме сите алатки во раце и не значи дека со тие алатки можеме да правиме што сакаме, потенцира таа.
Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички во Собранието, зборувајќи за седницата посветена на дваесетгодишнината од основањето на Клубот, потенцира дека еден од заклучоците на оваа седница ќе се однесува токму на говорот на омраза.
– Тоа е нешто што не убива сите, посебно жените. Тоа е нешто коешто е многу насочено, многу токсично во еден период, кога социјалните медиуми земаат се поголем наплив и замав. Во овој дел мора да се воспостави законска регулација на интернет просторот и тоа ќе биде една од нашите следни заложби за коишто како пратенички ќе разговараме со новинарските здруженија, со сите оние коишто работат на пласирање на информации во јавноста, но и оние коишто прават на некој начин злоупотреба на овие медиуми за да пласираат негативни информации во јавноста. Мора да се санкционира тој дел и мора да се најде решение затоа што тоа е присутно. Присутно е, морам да кажам, и во рамки на Собранието, вели Ристова.
Според неа, Собранието мора да биде многу повеќе родово сензитивно, сензибилизирано, а говорот на омраза да биде заборавена работа без оглед на тоа колку и да се големи политичките аспирации и претензии за постигнување на одредени работи.
-Мора да постојат некои работи коишто се натпартиски, коишто допираат до етиката, до моралот и до интегритетот на личноста. Тука има можности за подобрување и во делот на Етичкиот кодекс и во делот на Деловникот за работа на Собранието, така што и во тој дел во иднина би сакале да бидеме насочени, вели Ристова.
Благица Ласовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и член на Клубот на пратенички во изјавата за МИА, вели дека правата на жените во изминатиот период се унапредени и во политиката и во општеството, но колку тоа се отсликува во реалноста се гледа во слободата што ја има во интернет просторот, но и внатре во Собранието, каде што, за жал, како што посочува, се случуваат инциденти.
-Не можам да кажам дека во изминатиот период правата на жените не биле унапредени, особено во политиката, генерално во општеството и со носење на закони итн., но колку тоа се отсликува во реалноста се слободата на интернет порталите, медиумите и внатре во самиот храм на демократијата. За жал, се случуваат инциденти за коишто нема враќање назад, а коишто не треба да се случуваат, бидејќи ние сме пример и треба да бидеме пример за останатите. Тоа е причината заради којашто голем број на жени не сакаат да се занимаваат со политика, а ние сакаме да ги привлечеме бидејќи тука се решава се – и здравство, и образование итн. Ги осудувам ваквите несакани појави, навреда, говор на омраза, вели Ласовска.
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, додава пратеничката, има официјални реакции, а нејзиното лично мислење е дека не треба да се биде селективен во осудите.
– Треба да бидеме транспарентни во моментот кога се случува нешто, да застанеме сите, оти јас се сеќавам на такви времиња кога како Клуб на пратенички сме застанале заедно зад нападнатата жена дали е тоа пратеничка, министерка, која било жена, но морам да кажам дека има одредена селективност на која што работиме, истакнува Ласовска.
Го осудува говорот на омраза и потенцира дека такви напади не треба да се случуваат.
Родовата сензибилизација, како што вели, е многу важна и ја има во партиските структури и не само во Унијата на жени, туку генерално сите структури треба да бидат сензибилизирани.
-Ние имаме континуирани обуки внатре во партијата и како пратеничка група. Мислам дека тоа ќе продолжи. Имаме некои обуки и во април, но важно е тоа да се пренесе и во јавноста, бидејќи она што го гледаат како пример од политичарите за жал потоа се пренесува и во јавноста, најмногу во интернет просторот бидејќи тоа е нерегулиран простор. За жал, ќе најдете погрдни зборови, напади врз политичарки, новинарки, жени генерално, коишто се недозволиви, неевропски, би рекла, потенцира Ласовска.
Пратеничката од ДУИ Арта Зендели Биљали посочува дека жените се на удар понекогаш во семејството но, и во политиката и во јавниот живот. Тоа, како што вели, дополнително ги спречува многу жени да ја преземат одговорноста и да имаат повисоки цели во јавниот живот и придонесува да се задоволат со едно работно место во јавната администрација.
-Често ми се случува, откако станав пратеничка да ми пријдат жени и да ми кажат: „Браво, како издржуваш! Јас да бев на твое место не би можела“. Ваквите зборови само потврдуваат дека јавноста ја оценува како многу тешка положбата на жената на високи функции. Без оглед на се, без оглед колку ми е тешко во одредени моменти, секогаш се обидувам да ги охрабрам и да им кажам дека човекот е издржливо битие, вели таа во изјава за МИА.
Деновиве во Собрание, вели таа, имавме случај на неубаво однесување на колега пратеник кон колешка пратеничка. – Колегата се извини! Уште потешко е кога имаме напади на жени врз жени, кои не изостануваат во нашето Собрание. Мислам дека солидарноста треба да биде на прво место. А не нападите!, потенцира пратеничката Биљали Зендели.
Самото зборување, соочување со овој факт, според неа, има одреден ефект.
-И ова интервју мислам дека ќе придонесе колку – толку да се подигне свеста и работите да се менуваат кон подобро, потенцира Биљали Зендели.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, за 8 март Меѓународниот ден на жената, ја закажа 107. седница на законодавниот дом, која е прва пленарна седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост.
На дневен ред е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија. По однос на Информацијата, ќе говори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а ќе говорат и неколку актуелни пратенички.
На крајот од пленарната седница планирано е да бидат донесени неколку заклучоци.
Како гости, во Собранието се поканети министерките и заменичките-министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор и на домашни и на меѓународни невладини организации, со акцент на НДИ, ОБСЕ и UN Women, кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од формирањето во 2003 до денес.
Покани за присуство се испратени и до поранешни министерки во Владата, како и до поранешните пратенички во периодот од 2003 година, односно почнувајќи од четвртиот состав на Собранието (2002 – 2006 година), заклучно со претходниот состав (2016-2020 година). Тие ќе може да ја следат седницата во салата „Голема купола“.
Првата тематска седница посветена на родовата еднаквост се одржува на 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички.
Во чест на овој јубилеј по завршувањето на пленарната седница во Кристалната сала во Собранието планирана е и пригодна свеченост на која ќе бидат доделени благодарници на поранешните претседателки на Клубот на пратенички, на организациите кои дале иницијатива и учествувале во основањето на Клубот и на неколку меѓународни организации.
Покрај претседателот на Собранието, во овој дел ќе се обрати поранешната пратеничка Елеонора Петрова – Митевска, првата претседателка на Клубот на пратенички, а во име на сите добитници на благодарници ќе се обрати Цветанка Иванова, поранешна претседателка на Клубот на пратенички и актуелна генерална секретарка на Собранието.
Елизабета Вељановска Најдеска