Собранието на Република Македонија денеска треба да одржи три седници на чиј дневен ред се останати неколку неразгледани точки.
Пратениците во рамки на 97-та седница треба да го разгледаат Предлог законот на задругите во прво читање.
На дневен ред, пак, на 91-та седница се Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка помеѓу земјите од Западен Балкан од областа на меѓусебното признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции, Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка во заштита од катастрофи во Западен Балкан, Преглог на закон за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Албанија, Советот на министри на Босна и Херцеговина, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија и Владата на Република Словенија во врска со аранжманите на земјата домаќин за статусот на Постојаната организација на Балкански медицински наменски сили и нејзиниот персонал, како и Предлог на закон за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Македонија и Владата на Косово за соработка во областа на дијаспората.
Собранието денеска треба да ја продолжи и 95-та седница во чии рамки пратениците треба да расправаат по неколку неразгледани точки, меѓу кои и Предлог на закон за ратификација на договорот меѓу Европската унија и Република Македонија за учество на Република Македонија во програмата „Царина“ на Унијата за соработка во царинската област, Предлог на закон за ратификација на Протоколот за изменување и дополнување на Договорот помеѓу Страните на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, како и Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан.