Многу сум среќен што ќе ја посетам мојата сакана Македонија оваа есен и што ќе свирам на концерт во еден од моите омилени градови, Битола, вели јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, кој досега има испеано многу маедонски песни.

– Чувствувам неизмерна чест што традиционалниот фестивал Интерфест Битола ме покани мене, кој не сум роден во Македонија, да пеам македонски песни како и оперски арии. Едвај чекам да ја споделам љубовта кон Македонија со вас преку песните, изјави Котецу за Експрес.

Тој е претседателот на Токиската опера и вљубеник во Македонија, во македонскиот мелос, а своето доаѓање во Македонија го најави на социјалните мрежи.

Котецу најави дека доаѓа на годинашниов 32. Меѓународен фестивал на класична музика Интерфест што ќе се одржи на 11 октомври во Битола.

Овој страстен претставувач на македонската песна исполнува во оперска верзија десеттици македонски народни, патриотски и љубовни песни, донесувајќи ги на својот канал на јутуб.

– Пред десет години првпат ја отпеав македонската песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ во Скопје и во Битола. После тоа се зголемија моите македонски пријатели. Станав близок со македонската природа и култура, ја засакав Македонија. Сега ја сакам Македонија исто колку што ја сакам мојата татковина Јапонија, вели Котецу.

Денешен во повеќе наврати објавувал прилози за овој истакнат јапонски оперски пејач и вљубеник во Македонија.