Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ и пратеникот од Левица, Димитар Апасиев днеска во Собранието на Република Македонија поднесоа интерпелација за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на прес конференција ги образложи причините за поднесување на интерпелацијата.
Како што изјави Милошоски, како една од причините за поднесување на интерпелацијата е односот на Никола Димитров кон Собранието и пратениците.
– Никола Димитров два пати ги одби уредните покани за присуство на Комисијата за надворешна политика, а во врска со темата македонско-бугарски односи и нивниот контекст за европските интеграции. Неговото образложение дека не дошол на седниците на Комисијата од страв да не го загрози неговото здравје беа само дополнителна девалвација на пратениците како избраници на народот, а исто така и потценување на работата на сите пратеници и министри кои секојдневно учествуваат во работата на Собранието, се вели во интерпелацијата.
Како член на владата во континуитет од неколку години, Димитров во неколку наврати ја манипулираше јавноста, но и Собранието дека се решени споровите со сите соседи и дека како резултат на тоа државата добила безусловна одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ, и дека во текот на 2019-та односно во текот на 2020-та година ќе се одржи и првата македонско-европска меѓувладина конференција, стои во интерпелацијата.
Како причини за поднесување на интерпелацијата се наведени и работата на Секретаријатот за европски прашања, за кој се вели дека во изминатите 100 дена од својата работа нема реализирано ниту еден видлив проект од кој македонските граѓани би имале корист.
Милошоски како причина за интерпелацијата го спомена и мандатното писмо што му го врачи премиерот Заев на Димитров како член на владата, според кое, како што стои во интерпелацијата, досега Заев требаше да го разреши Димитров, односно ако Димитров имаше барем просечно чувство за одговорност сам ќе си поднесеше оставка.