Работата на Собранието на Македонија изминатите три дена се одвива со најавените активности на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада, од една страна, а од друга страна се снимките што од вчера кружат низ медиумите и социјалните мрежи, на кои се гледа како работи актуелната власт, која преку спикерот Талат Џафери од ДУИ, и кога пцуе, смета дека работи во интерес на граѓаните на Македонија.
Од трета страна СДСМ, како предводник на власта со ДУИ, секој ден ја „бомбардира“ јавноста за тоа колку тие работат и се „измачуваат“ за доброто на граѓаните, додека „опозицијата ги кочи“ во тоа…
За тоа како работи власта може да слушнете и погледнете ТУКА.
По такви дводневни активности завчера вечерта во тензична атмосфера беше усвоен дневниот ред на 71 седница, по што од владејачката СДСМ оценија дека блокадата на опозицијата е неуспешна, но од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека таа е ефикасна и најавија нејзино продлжување се до постигнување на целта – одржување предвремени парламентарни избори. Од двете партии изнесоа меѓусебни обвинувања за неработење и неодговорност кон државата и граѓаните.
-Блокадата на Собранието создадена од ВМРО-ДПМНЕ нема да доведе до предвремени парламентарни избори. Парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, рече вчера на прес-конференција Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Тој најави дека ќе направат се што е во нивна можност, се што предвидува во Деловникот, Собранието да не биде блокирано. -Ние ќе примениме се што е пропишано со Деловникот и ништо надвор од тоа. Вчера гледавте и бевте сведоци вие и целата македонска јавност дека качувањето горе на бината каде што претседателот ја води седницата впрочем е напад на функцијата претседател. Очигледно е дека намерата е да се предизвика инцидент. Тоа нема да го дозволиме. Нема да дозволиме да се вратат слики од минатото, но ќе ги примениме сите деловнички можности за да се одблокира работата на Собранието, рече Митревски, порачувајќи дека во време на најголема светска економска и енергетска криза, Собранието мора да биде функционално и ефикасно да носи решенија во интерес на граѓаните и заштита на нивниот стандард.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, пак ги обвини пратениците од СДСМ дека не си ја заработуваат ниту платата, истакнувајќи дека во период од јули до декември минатата година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале три пати повеќе активности од тие на СДСМ. Бројките од активностите во Собранието, како што рече, покажуваат дека пратениците од СДСМ и ДУИ не си ја работат работата и не си ја заработуваат ниту платата.
Според него, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и до сега се спротивставиле на сите штетни закони и не дозволиле нивно проаѓање во Собранието, но, како што потенцираше, тоа ќе биде скоро и невозможно во наредниот период.
-Со активната блокада нема да дозволиме ниту најмала шанса да поминат лоши закони и ќе ја притиснеме власта на избори. Од друга страна пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат со предлагање на законски решенија за подобар стандард на граѓаните, најави Стојановски.
Во текот на вчерашната расправа во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во процедурална забелешка обвини дека Центарот за комуникации за јавноста на СДСМ изнесува невистини дека опозициските пратеници не одат на работа и оти не работат.
Тој потенцира дека опозицијата ќе биде во Собранието и „активно ќе го блокира секое штетно законско решение“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери пак, рече дека не е надлежност на Мицевски да кажува за присутноста во салата.
– Деловникот има пропишано процедура, согласно која, пратениците кои се спречени да присуствуваат на седницата треба да го известат претседателот на Собранието. Деловникот пропишува процедура во случај ако пратеникот неоправдано не дојде трипати по ред на седници, има деловничка можност да му се одбие пет отсто од платата за секое недоаѓање. Не може да се одземе од плата и од патни трошоци со одлука на пленум. Има Закон за плати и надоместоци на избрани и именувани лица по кои се исплаќа платата, рече Џафери.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој пред почетокот на активната блокада во Собранието бараше да се одржи лидерска средба за одржување предвремени парламентарни избори, што не беше прифатено и вчера упати повик до премиерот Димитар Ковачевски, порачувајќи му „да се вразуми и да разбере“.
-Јас сум му можеби политички конкурент и ВМРО-ДПМНЕ можеби е политички конкурент на СДСМ, но ние не сме непријатели на Македонија и на институциите, рече Мицкоски.
За состојбите во законодавниот дом вчера се огласија и од Европската комисија, од каде ги повикаа сите партии да се однесуваат конструктивно.
– Ги повикуваме сите политички сили во Парламентот да работат заедно и конструктивно за да ги унапредат реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните, изјави вчера портпаролката за проширување во Европската комисија, Ана Писонеро, на прашање за став на Комисијата за последните инциденти во Собранието и „активната блокада“ од страна на опозицијата.