Имаа доверба во мене, еве, да речеме, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев имаше доверба во мене и постигнавме спогодба, изјави шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во гостување на српската ТВ Хепи.

Таа опширно зборуваше за својата работа, при што ја спомена и спогодбата склучена со Камчев за судскиот случај „Империја“. Русковска нагласи дека до тоа дошло и со оглед на тоа што тој имал доверба во неа.

Случајот таа го споменува во одговор на прашањето на новинарот: „Подигна обвиненија против најмоќните и најугледните луѓе во Македонија, тоа се и бизнисмени, шефови на тајни служби, високи владини функционери. Дали имаше страв од тоа, ти се закануваше некој, ти испраќаше непристојни понуди?“

– Македонија е мала држава, се знаевме од порано и со едните и со другите. Како што јас нив ги познавав, ме познаваа и тие мене и знаеја дека и да има непристојни понуди, јас тоа немаше да го прифатам. Имаа доверба во мене. Еве, да речеме, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев имаше доверба во мене, постигнавме спогодба. Во државниот буџетот уплати 5 милиони 200 илјади евра на име затајување данок и доби една година ефективен затвор. Досега во Македонија тоа не се случило некој да каже „да, јас сум крив, колку треба да платам“?  По експертизата што беше направена во евра беше околу 5,2 милиони евра. Човекот уплати и потпишавме спогодба. Но, не потпишавме спогодба пред да легнат парите, одговори обвинителката.

Русковска во телевизиското гостување зборува и за судскиот случај „Рекет“, велејќи дека и Европа и САД биле изненадени од отворањето на предметот против поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, во кој обвинет, а сега и правосилно осуден е и Бојан Јовановски–Боки 13.

– Стануваше збор за чиста злоупотреба на службената положба. Преку неа, нашата, па и ваша естрадна ѕвезда Боки-13, буквално, рекетирал луѓе и им зел огромни суми пари. Таа му зборувала за предметите, против кого кој предмет е …“, ја раскажа Русковска теоријата на обвинителството за случајот „Рекет“, тврдејќи дека и Јанева делела пари со Боки 13.

Целото гостување на Русковска на ТВ Хепи можете да го погледнете ТУКА.