Собранието попладнево ја отвори и обраќањето на пратеникот Павле Богоевски ја презакажа седницата на која ќе се расправа за барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешен министер за земјоделство Љупчо Димовски, поради барање за притвор поднесено од Кривичниот суд.

Богоевски, претседател на Комисијата за деловнички и мандантно имунитетни прашања ја образложи одлуката на собраниската Комисија, која во саботата го прифати барањето на судот за притвор на Димовски и му предложи на Собранието да го одобри.

Тој посочи дека Собранието согласно процедурите по кои постапува треба да им овозможи на судовите непречено да ја извршуваат својата работа.

Ги демантира тврдењата на опозицијата дека Собранието врши политички прогон.

Богоевски нагласи дека пресумпцијата на невиноста треба да биде пред се и оти не значи дека оние пратеници кои гласале „за“, всушност сметаат дека нивниот колега е виновен.

-Да го оставиме судот да одлучи согласно законот. Досега немало случај Собранието да го штити имунитетот на кој било пратеник и да го попречи судот да ја докаже вистината, рече тој.

Единствено тој се обрати на седницата, а собранискиот спикер Талат Џафери ја одложи и нагласи дека ќе биде презакажана. За збор за расправата за имунитетот на Димовски се јавија повеќе пратеници.

Собранието согласно процедурите треба во рок од три дена да донесе одлука за имунитетот на Димовски, кој заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.