Собранискиот спикер Талат Џафери денеска ќе има координативна средба со потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии што не се организирани во пратенички групи.

Точка на дневен ред е формирањето интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција, на барање на новата пратеничка група независна од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која гласаше за уставни амандмани и промена на името на државата во Северна Македонија.

Коориднацијата требаше да се одржи вчера, но на состанокот кај Џафери не присуствуваа подносителите на иницијативата, поради други обврски.

Формирањето на телото за помирување беше еден од условите на осумте опозициски пратеници да гласаат за отворање на Уставот. Нивните очекувања се дека сите пратенички групи ќе се вклучат во работата на интерпарстиската комисија, која првенствено ќе се фокусира на настаните од 27 април, а не ја исклучуваат можноста да се продолжи мандатот и истото работно тело да функционира и во иднина за други политички прашања.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторија ставот да нема да учествуваат во работата на ова тело. Од партијата оставаат можност дека ќе ги почитуваат одлуките на телото ако се во насока на неселективно помирување, но не отстапуваат од барањето закон за целосна амнестија на обвинетите од 27 април.