Собраниската расправа за уставните измени продолжува денеска напладне, за дискусија се пријавени уште 15-тина пратеници од кои најголемиот број се од владејачките партии.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште завчера се изјасни дека расправата е јалова, пријавените се повлекоа од дискутирање и бараат веднаш да се гласа.
На почетокот на седницата се очекува да говори пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците, а по него за дискусија е пријавена пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.
Сепак, неизвесно е дали ќе има гласање во текот на денот, ако се има предвид дека секој од пријавените говорници има право да зборува 20 минути, како и правото на реплики.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, вчера рече дека ќе се пристапи кон гласање по исцрпување на дискусијата и ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени. Во спротивно, Тунтев не ја исклучува опцијата за брзи избори.
За разлика од нив, ДУИ не сака ниту да зборува за можни предвремени избори, туку ги повикува сите 120 пратеници да гласаат „за“.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека нивната пратеничка група цврсто стои на ставот и ќе гласа против уставните измени со кои државата треба да биде преименувана во Северна Македонија.