Во петок во Собранието треба да почне пленарната седница за уставните измени. Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, Комисијата за уставни прашања ја изгласа потребата за носење на уставните измени и заклучоците ги проследи до Собранието.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на РС Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
На 18 август, Собранието најнапред треба да го изгласа дневниот ред со единствена точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот за што се потребни 61 глас. Потоа се пристапува кон претрес по предлогот.
Како што стои во членот 196 став 1 од Деловникот, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот, на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена.
Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови. Доколку го нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.
Ако со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата. Собранието, со заклучокот утврдува рок во кој подносителот односно Владата, изготвува текст на нацртот амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив, појаснува собраниската прес-служба.
Тоа веќе е втората фаза од постапката за менување на Уставот што опфаќа подготовка и утврдување на нацрт-амандманите.
Деловничките рокови нормираат дека од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Во оваа фаза, претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но повторно – бидејќи секој пратеник може да зборува вкупно не повеќе од 20 минути, оваа фаза може теоретски да заврши побрзо од максимално дозволените рокови.
Откако Парламентот со најмалку 61 глас ќе ги утврди нацрт-амандманите, тие одат на јавна дискусија, што е меѓуфаза пред третата завршна етапа од постапката за измена на Уставот. По јавната дискусија, чие времетраење го утврдува Собранието при усвојување на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги изготви предлог-амандманите. И повторно, од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Деловникот предвидува точни рокови за претрес во Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, како и на пленарната седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, а за амандманот на Преамбулата освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.
Ако постапката се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на трите фази ќе требаат најмалку три и пол месеци.