Измените и дополнувањата на девет закони поврзани со автопатските делници што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ се на дневен ред на денешната 112-та собраниска седница. Сите закони се по скратена постапка, а предлагачи се група пратеници од владејачкото мнозинство.
На дневен ред на седницата се измените и дополнувањата на законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење… Како последна точка на дневниот ред се измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка.
Освен 112-та седница, Собранието денеска треба да одржи продолженија на уште седум седници, на 50-та, 71-та, 79-та, 86-та, 100-та, 103-та и 106-та седница.
Во рамки на продолжението на 50-та седница пратениците треба да го разгледаат Предлог-законот за парничната постапка, во прво читање.
Од дневниот ред на 71-та седница се преостанати неколку точки, Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2021 година, Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година, предложените измени на Законот за работни односи, во прво читање, и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, Информацијата за пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија.
Неразгледана е и точката за Интерпелација за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Соња Мираковска, поднесена од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Од дневниот ред на 79-та седница се преостанати неколку точки, меѓу кои Предлог кодекс за престанување на важење на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието, Извештај за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2021 година, Годишен извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2021 година.
На дневниот ред на седницата се и измените и дополнувањата на Законот за просветната инспекција, во прво читање и уште неколку предлог-закони за ратификации на договори и спогодби. Неразгледана е и ратификацијата на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за основање Културно-информативни центри во Белград и во Скопје.
Од дневниот ред на 86-та седница се преостанати уште две точки, Предлог на просторен план на Национален парк Пелистер 2016-2030 и Предлог-законот за изменување на Законот за финансиска дисциплина, во прво читање.
Пратениците во рамки на продолжението на 100-та седница треба да ги разгледаат измените и дополнувањата на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по договорот за заем за финансирање на Проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“ и Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за административните такси, и двата по скратена постапка. На дневен ред на седницата е Предлог-законот за нуспроизводи од животинско потекло, во прво читање.
Во рамки на продолжението на 103-та седница, пратениците треба да ги разгледаат предложените измени на Законот за вработување на инвалидни лица, Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување на Законот за царинска тарифа, сите по скратена постапка.
Собранието денеска ќе го одржи и продолжението на 106-та седница. Од дневниот ред на седницата се преостанати неколку точки, Предлог за избор на судија на Уставниот суд на Република Македонија, Предлог за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво, Предлог-законот за ратификација на измените и дополнувањата на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина, Предлог-законот за прогласување на Kањон Матка за споменик на природата, во прво читање.