ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието го поднесе Предлог-законот за амнестија за лица осомничени, обвинети или осудени за собраниските настани од 27 април.
Предлага законот да биде донесен по скратена постапка, а очекувањата на опоцизиската пратеничка група се нивните колеги од владејачките партии конструктивно да учествуваат во дебатата за законот и дека не станува збор за лажно ветување за правда и национално помирување.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев апелираше до сите политички партии и до нивните лидери вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев да го погледнат законот и да учествуваат во неговото донесување, а притоа доколку сметаат дека треба да поднесат и амандмани.
-Подготвени сме да разговараме и преговараме, рече Данев.
Тој информираше дека со овој закон се предвидува и се уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела согласно член 384-учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно членот 386 насилство , согласно член 385 учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело согласно член 313 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.
-Со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување на сила на овој закон, рече Данев, потенцирјаќи дека со овој закон би биле опфатени сите учесници во насилствата од 27 април во Собранието вклчувајќи ги и пратениците, но и организаторите и останатите учесници и граѓани во настаните.
Според Данев, овој Предлог-закон обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување наместо селективност и како што кажа, поделби кои ги нуди СДСМ.
Целта, според него, е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата.
Затоа дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи формирање комисија за помирување предложена од нивните поранешни колеги, а сега дел од новата пратеничка група, Данев рече дека тие се уште го градат ставот по ова прашање и дека деновиве ќе биде соопштен.
На прашањето дали ќе соработуваат со новата пратеничка група која ќе делува исто така опозициски, тој кажа дека со осумината пратеници имаат коректни лични релации, но дека треба да се остави на времето да ги покаже следните чекори.
Во однос на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ, според Данев, ќе остане конзистентен на своите ставови.
Опозициската партија во иднина најверојатно во Собранието ќе дејствува со една пратеничка група, а не како досега со десет. И најверојатно, како што кажа тој, нема да биде нејзин координатор.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да го коментира писмото што сега исклучениот член на партијата Сашо Мијалков го упати до лидерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека партиските работи ќе се решаваат во органите на партијата.
-Партиските работи ќе ги решаваме во органите на партијата. Во однос на господинот Мијалков и семејството Мијалкови тие дале голем придонес и во осамостојувањето на државата и во водењето и во издигнувањето на ВМРО-ДПМНЕ и не би коментирал понатаму, рече Данев.