Итна пратка и итен рок за извршување на казната од 2 години затвор. За екс премиерот Никола Груевски сите минимални рокови дополнително скратени за тој што побрзо да се јави на извршување на казната за набавката на владиниот мерцедес. Упатниот акт го доби во петокот кога на суд се појави за друго судење. Рокот за извршување што обично е по два-три месеци, за некои и до година дена, за Груевски е скратен само на две недели, односно краен датум за извршување е 8 ноември. Ако судската пракса што важи за сите, важеше и за поранешниот претседател на Владата, тој ќе требаше да биде упатен на извршување на казната во декември. Но тоа во случајов не е така.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го доставил известувањето од Судот за пресудата на Груевски до претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања. Претседателот Павле Богоевски сега има рок од 15 дена да закаже седница. Рокот почнува од утре. Комисијата треба да одлучи дали пратеникот Груевски по ваквата пресуда е „недостоен за вршење на пратеничката функција“ што е еден од условите според собранискиот Деловник за одземање на пратеничкиот мандат.

Одбраната на Груевски ќе ги искористи сите правни лекови и од судијата за извршување санкции Пајазит Пајазити ќе побара одлагање. Ова според правните експерти е издржано со оглед на природата на случајот но и законските одредби. Поранешниот претседател на Кривичен Владимир Панчевски објаснува дека постојат законски пречки за извршување на казната затвор за Груевски.

Тој е пратеник, а според Законот за пратеници, што го објаснува Панчевски, предвидено е на пратеникот да му престане мандатот доколку е осуден за кривично дело со минимална казна од 5 години што во конкретниот случај не е така. Ниту делото за кој е осуден Груевски предвидува таква казна, ниту пак тој е осуден на 5 години.