Во Собранието денеска треба да продолжи 88. седница на која ќе се расправа за изборот на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа и за изборот на уставните судии.
Во Велика Британија за нецели два месеца сменија три влади и три премиери, а пратениците во македонското Собрание уште го избираат Пенов за министер по оставката на неговиот партиски колега Горан Милевски.
Предлогот Пенов да биде министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец и претходник Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.
Премиерот Димитар Ковачевски во вторникот од собраниската говорница рече дека е убеден оти Владата со Ристо Пенов во областа на локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратешките политики и на локално и на централно ниво.
– Станува збор за значаен ресор за нашите општини кои за една година гледаме дека се наоѓаат во проблеми кои ги водат неспособни градоначалници. Предлагам вистински човек, на вистинско место, во вистинско време. Господинот Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех. Тој е потврда за скромност, чесност и работливост. Тој е човек кој интерира, соработува и има визија. За него најдобро говорат капиталните проекти во Скопје, улиците, мостовите, инфраструктурата, километрите нови патишта, тротоари, нови плоштади, поддршка на локалните бизниси и на културата, рече Ковачевски.
Изминатите денови, опозицијата и власта излегоа со спротиставени ставови.Според првите, власта со овој предлог прави дефокус на јавноста од вистинските проблеми и наместо да понуди решенија за економската и енергетската криза и да им помогне на граѓаните таа предлага нов министер, за кој не веруваат дека е добро решение. За пратениците од владејачките партии, Пенов е добар избор и побараа поддршка од опозициските пратеници.
На денешната седница како втора точка е изборот на двајца уставни судии за кои дебатата заврши и треба само да се гласа. Вчера, претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со новинарите, одговарајќи на прашање дали досега имало ваков случај на пленарна седница да се стави точка за која дебатата не е завршена во собраниската комисија, рече дека за кандидатите за уставни судии се гласа поединечно, но и дека во 2012 година за Буџетот извештајот од комисиската седница го потпишало мнозинството.
Оваа седница, на која на дневен ред се и законите поврзани со мерките за справување со енергетската криза и законите за здруженија и фондации и за политичките партии, според Џафери, би требало да продолжи од понеделник.