Собраниската расправа за уставните измени ќе продолжи в петок, рече собранискиот спикер Талат Џафери по денешната попладневна дискусија во која учествуваа само пратениците од СДСМ.
Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и од коалицијата „За подобра Македонија“ претходно соопштија дека се откажуваат од дебатата, нарекувајќи ја јалова, како и дека ќе гласаат против уставните измени. Воедно ги повикаа пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по владиниот предлог за измени на Уставот.
Попладнево, во текот на собраниската расправа, пратениците од СДСМ кои беа пријавени за збор, го повторија ставот дека сега е време сите што декларативно се залагаат за НАТО и ЕУ да дадат конкретна поддршка на уставните измени.
– Единствен интерес треба да биде државата. Ако продолжиме да се докажуваме кој е поголем патриот, а кој предавник, исходот ќе биде пораз. Наша обврска е како пратеници да го изодиме патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот преку ЕУ и НАТО. Да бидеме лидери на промените чиј бенефит граѓаните ќе го почувствуваат за кратко време, истакнаа пратениците од СДСМ.
Според нив, замајување на јавноста е дека со Преспанскиот договор се брише името на Македонија и дека придавката „северна“ задира во идентитетот.
– Соочени сме носење многу важна, тешка, единствена, историска одлука за иднината на Македонија што ќе значи крај, затворање, решавање на доглогодишен апсурден спор со нашиот јужен сосед. Проблемот е реалност, а ние сме дожни како полчитичари да се соочиме со него. Време е да престанеме да фантазираме за победи и порази, за триумфи и катастрофи, време е да преземеме одлучен чекор за иднината на Македонија, беше речено на попладневното продолжение на седницата.
Поддршка за уставните измени даде и Неџбедин Карамани од името на Движењето Беса на Африм Гаши.
Собранието утре, како што рече Џафери, ќе ја продолжи 60. седница.