Согласно законските измени и дополнувања платата на вицепремиерите ќе се зголеми за околу 8.000 денари.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар истакна со овие измени ќе се создаде законска основа за пресметка на платата за замениците на премиерот. Измените, посочи тој, се резултат на тоа што Уставниот суд на Република Македонија повел постапка за уставноста на член 14 од Законот за плата и другите надоместоци за избраните и именуваните лица во РМ во делот на „потпретседател на Владата“, при што донел одлука и го укинал овој член.
-Со укинување на членот 14 во делот „потпретседател на Владата“ кој во суштина е само терминолошка неусогласеност на Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именуваните лица во РМ со Законот за Влада на РМ, не се дава можност за утврдување на плата на замениците на претседателот на Владата. Имајќи го предвид ова, се наметна потреба за изменување на овој закон, рече Бајрактар.
Тој појасни дека со измените на Законот коефицентот за утврдување на платата на заменик-претседателот на Владата на РМ ќе се пресметува со коефициент 4,00 наместо 3,70, кој, како што рече, е утврден на пресметка на плата на член на Владата. Согласно ова, потенцира заменик-министерот, разликата во плата ќе изнесува 8.027 денари месечно во бруто износ или за пет заменици на претседателот за 12 месеци вкупно 481.620 денари.
Пратеничката Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ побара оваа точка да биде тргната од дневниот ред и по неа воопшто да не се расправа што не беше поддржано од мнозинството членови на Комисијата.
Срамно е, според неа, тоа што мнозинството ќе поддржи вакво зголемување на платите на вицепремиерите, во услови кога, како што рече, голем дел од граѓаните живеат со месечни приходи колку што изнесува нивното покачување. Тоа, рече, е спротивно на се она што СДСМ го ветуваше пред да дојде на власт.
На ова реплицираше пратеничката Јагода Шахпаска од СДСМ која истакна дека не е точно оти оваа власт не ги исполнува своите ветувања и притоа посочи на, како што рече, само неколку од реализираните работи, како што е зголемувањето на паричната социјална помош, донесувањето на Законот за стечајци, зголемување на минималната плата на 12.000 денари, воведување евтина тарифа за елекстрична енергија, поевтинување на радиодифузната такса…