Дали Собранието на Република Македонија неделава ќе одржи пленарна седница ќе се знае веројатно денеска по редовната понеделничка координативна средба на првите луѓе на пратеничките групи со претседателот на Парламентот Талат Џафери.
За договореното на координацијата потоа ќе бидат информирани и координаторите на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби со Џафери.
До синоќа на веб страницата на Собранието беа закажани само седници на неколку собраниски комисии, но не и пленарни седници. Собранието не може да собере кворум за седница поради недоаѓање на пратеници од владејачките партии, проблемите во пратеничката група на ДУИ, за што беше најавена разрешница, како и поради тоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ присуствуваат само на седници на кои на дневен ред се точки поврзани со Ковид-19.
Разрешница на проблемите во пратеничката група на ДУИ на средбата со новинарите минатата недела најави претседателот на Собранието Џафери, кој упати на лична одговорност на пратениците кои не доаѓаат на седниците. Проблемот во пратеничката група се поврзуваше со состојбите во ДУИ, за што највисокото партиско раководство одржа состанок во Мала Речица во саботата. Лидерот на партијата Али Ахмети изјави дека состаноците на ова ниво во последните месеци не се одржувале поради пандемијата со Ковид-19 и затоа имало потреба од дебата и дискусија и оти биле расчистени сите дилеми и не се оставил простор за друго алиби.
– Целта на овој состанок беше јавноста да види директно дека ДУИ е и ќе биде сплотена и уште подобро организирана. Дискутирани се сите прашања, јавноста е заинтересирана затоа што имаше различни информации во отсуство на овие состаноци поради пандемијата, но јас ги уверувам сите дека се е разјаснето на оваа средба. ДУИ е добро организирана, затоа што сите сме единствени и унифицирани. Сите разлики меѓу нас се надминати. ДУИ е на пат да преземе нови одговорности. Не се зборуваше за оставки, туку само за напредок, рече Ахмети.
Како овој состанок ќе се одрази на единството во пратеничката група на ДУИ, останува да се види на првата наредна седница што претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја закаже, но исто така не е изгласан ниту дневниот ред на 32. седница која беше закажана на 16 февруари. Има повеќе заостанати законски текстови, годишни извештаи, но исто така на дневен ред треба да се најдат и двете интерпелации поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ.
До вчера немаше информации за пратеници болни од Ковид-19 или во изолација.
Дополнително, во текот на минатата недела беше објавено дека пратениците од ЛДП и од ДС го известиле Џафери дека ќе дејствуваат во име на своите партии, а не како дел од пратеничката група на СДСМ. Сепак, тие како и потоа БЕСА која е коалициски партнер на владејачката СДСМ уверуваат дека нема проблеми во мнозинството и оти останува поддршката за Владата.