Собранискиот спикер Талат Џафери попладнево ја прекина работата по 58. седница, откако беа донесени одлуки за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировните мисии во Авганистан и во Либан. Продолжението на седницата го закажа за утре напладне.
Претходно, Собранието на Република Македонија со 61 глас „за“ и четири против го именува Петар Атанасов за заменик-министер за образование и наука.
Премиерот Зоран Заев рече дека Атанасов заедно со министерот за образование и наука Арбр Адеми ќе работи на спроведување на реформите во основното и средното образование, новиот закон за високо образование, а во моментот се усвојуваат и статутите на универзитетите во државата.
На денешната седница Собранието го верификуваше мандатот на Снежана Колевска Бачевска за народен пратеник на СДСМ, на местото на Петар Атанасов кој е именуван за заменик министер за образование и наука.
Собранието на денешната седница по скратена постапка донесе неколку закони: Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на патната делница Крива Паланка-Деве Баир (граница со Бугарија), што ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавно претпријатие за државни патишта, Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – 5 фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, по скратена постапка, Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Мегународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на социјалните услуги.