Собранието денеска ги избра новите министри во рамки на реконструкцијата на Владата, предложена од премиерот Христијан Мицкоски, која беше на дневен ред на 112. собраниска седница.
За нов министер за правда е избран Јетон Шасивари член на ВРЕДИ, за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за нов министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од ВРЕДИ, за нов министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за туризам и култура Седат Сулејмани од ВРЕДИ, за нов министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, а за нов министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите министри беа избрани со 69 гласа „за“, без ниту еден воздржан и против.
Непосредно пред гласањето премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е среќен со изборот на новите министри, кои денеска очекува парламентарното мнозинство да ги избере, како и со оние со кои досега соработувале, но и со оние кои не се предмет на оваа реконструкција.
-Среќен сум што го имам ова парламентарно мнозинство, кое досега испорача многу реформски закони, кои, впрочем, и еврокомесарката Марта Кос го истакна при нејзината последна посета кај нас, и тоа јавно. Дури мислам дека тоа беше изјава од која многумина беа негативно изненадени за нив, а позитивна за граѓаните и за државата. И мислам дека и како парламентарно мнозинство, и како состав на Владата, можеме заеднички да направиме многу работи во периодот што следи – рече Мицкоски.
Тој исто така како премиер им се извини на пратениците и на граѓаните за денешнит настани во Собранието и рече дека тоа никогаш нема да се повтори.
-Исто така, ќе ми дозволите, како претседател на Владата, да им се извинам на вас, пратениците, и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори – истакна Мицкоски.
Претходно на седницата беа разрешени досегашните министри: за правда – Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците – Игор Стоиљковиќ, за здравство – Азир Алиу, за туризам и култура – Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за локална самоуправа – Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор. Разрешени беа и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани, кои сега се на министерските позиции во истите министерства.
Премиерот Мицкоски во своето експозе истакна дека за нови министри предлага луѓе што доаѓаат со разни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден oд народот и му припаѓа на народот.
Мицкоски порача дека реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност.

– Во изминатите две години државата повторно почна да се движи. Повторно почна да инвестира. Повторно почна да гради. Повторно почна да создава доверба. Повторно почна да отвора можности. Но јас денес не стојам овде за да кажам дека сме ја завршиле работата. Напротив. Денес стојам пред вас за да кажам дека најважниот дел од работата допрва почнува. Затоа што државите не се градат за две години. Тие се градат со генерации. И секоја генерација има обврска да остави држава подобра отколку што ја затекнала. Тоа е нашата обврска. Тоа е обврската на оваа Влада. И токму затоа денес пред вас не стои само предлог за избор на нови министри. Пред вас стои предлог за нова енергија. За ново темпо. За нова фаза во развојот на државата. За Влада што нема да биде задоволна со постигнатото, туку ќе биде гладна за нови резултати. Не затоа што се откажуваме од досегашниот курс. Туку затоа што сакаме тој курс да биде уште побрз, уште поефикасен и уште поодлучен – рече Мицкоски.
Тој укажа дека во годините што следуваат Македонија ќе биде исправена пред големи можности и оти нема да дозволи државата да ги следи процесите, туку дека ќе биде предводник на промените во регионот.
– Политиката е минлива, функциите се минливи, мандатите се минливи, но државата останува. И затоа секоја наша одлука мора да биде донесена со свест дека не ја носиме само за денес, туку и за годините што доаѓаат – рече Мицкоски.
Ќе има, посочи, предизвици, отпори, обиди, секој успех да биде минимизиран, а секој проблем да биде претставен како пораз, но, нагласи премиерот, природата на државничкото лидерство е поинаква.
– Државничкото лидерство не се плаши од критика. Не бара лесни патишта, не носи одлуки според тоа дали ќе бидат популарни утре, туку според тоа дали ќе бидат исправни за 10 години. Јас длабоко верувам дека имаме сила да бидеме успешна европска приказна. Не затоа што некој ќе ни ја подари таа иднина, туку затоа што ја заслужуваме. Со работа, знаење, дисциплина, со чесни институции, силна економија, со самодоверба. И најважно од сè, со верба во сопствените можности – рече Мицкоски.
Потенцира дека не бара доверба за поединци и за една политичка партија, туку за продолжување процес во кој, како што рече, државата повторно ќе се исправи на нозе, во кој ќе ги обновиме темелите, во кој покажавме дека повторно можеме да градиме, да создаваме и да победуваме. – Уверен сум дека најдобрите години не се зад нас, туку се пред нас – рече Мицкоски.

Посочи дека очекува идниот министер за правда, за која функција е предложен Јетон Шасивари, универзитетски професор и правен експерт, своето знаење, професионален интегритет и академско искуство да ги стави во служба на создавање правосуден систем во кој правдата нема да биде привилегија, туку правило, а довербата на граѓаните постепено да се враќа онаму каде што е потребно.
Агон Ферати, кој е предложен за министер за односи меѓу заедниците, како што рече, своето професионално искуство го изградил преку европски проекти, локален развој и јавни политики.
– Нашата држава отсекогаш била најсилна кога знаела да ги претвори различностите во своја предност. Затоа очекувам неговата работа да биде насочена кон уште посилна кохезија, доверба и партнерство меѓу сите граѓани. Затоа што стабилноста и единството се предуслов за секој економски и општествен напредок – рече Мицкоски.
Според него, Борче Серафимовски, кој е предложен за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, добро го познава функционирањето на ресорот. Пред него, посочи, стои обврската да ја продолжи политиката на силна поддршка на земјоделците, но и да отвори нов развоен циклус во кој македонското земјоделство ќе стане поконкурентно, поиновативно и поотпорно на современите предизвици.
– За министер за здравство го предлагам Сашо Клековски. Здравството не е само систем на установи и процедури. Здравството е доверба, здравството е чувство на сигурност дека кога на човекот ќе му биде најтешко, државата ќе биде покрај него. Затоа очекувам со нова енергија да продолжат реформите што ќе обезбедат квалитетни услуги, подобри услови за здравствените работници и достоинствен третман на секој пациент – посочи претседателот на Владата.

Појаснувајќи го предлогот Ѓоко Велковски да биде министер за социјална политика, демографија и млади, нагласи дека демографијата станува едно од најважните државни прашања, а во Локалната самоуправа, каде што нов министер ќе биде Иван Стоиљковиќ, укажа дека е почнат најголемиот инвестициски циклус за општините. За министер за култура и туризам го предлага Седат Сулејмани и очекува овој ресор да биде еден од двигателите на новиот развоен циклус затоа што, посочи, државите што знаат да ја раскажат својата приказна, знаат и како да создадат нова вредност. Ерџан Демир е предлог за министер без ресор, а како што рече премиерот, во современото управување координацијата е исто толку важна колку и носењето одлуки. На државата ѝ се потребни институции што ќе работат како еден систем, а не, рече, како одвоени острови.
Мицкоски посочи дека Македонија отсекогаш била најсилна тогаш кога знаела да се обедини околу големите цели.
– Затоа, денес, ве повикувам да ја продолжиме оваа мисија со повеќе мудрост отколку суета, со повеќе единство отколку поделби и со цврста увереност дека нашата најголема обврска не е кон оваа генерација политичари, туку кон идните генерации македонски граѓани. Нека тие еден ден кажат дека ова беше времето кога Македонија поверува во себе. Времето кога престана да се задоволува со малку и почна да се стреми кон големи цели. Времето кога државата не беше само место во кое се живее, туку идеја во која повторно се веруваше. Тоа е визијата што ја нудиме, тоа е обврската што ја преземаме и тоа е иднината за која вреди да работиме заедно – порача премиерот Мицкоски по чие излагање почна расправата по предлогот за именување нови министри.

Во текот на собраниската расправа власта и опозицијата разменија меѓусебни обвинувања за досегашното владеење, кадровските решенија и политики. Политичка, а не кадровска реконструкција и увертира за предвремени избори, вака опозицијата ја оценува реконструкцијата на Владата, додека партиите од власта нагласија дека реконструкцијата на Владата не е знак на слабост ниту, пак, е изнуден политички маневар, туку е нормален, принципиелен и стратешки чекор, чекор на освежување на тимот, внесување нова енергија и дополнителна ефикасност во редовите на извршната власт.
Седницата во попладневнот дел ја одбележаа и препукувања меѓу власта и опозицијата, откако пратениците од опозициските партии побараа извинување од Иван Стоиљковиќ, поради упатени навреди кон некои од нив, како и од собранискиот спикер Африм Гаши, кого го повикаа дека е одговорен за редот и дисциплината во Собранието.
Гаши поради ова неколку пати даваше пауза во текот на попладневниот дел од седницата, а една од нив беше и за собраниска координација, но и по неа дел од опозициските пратеници бараа прекин на седницата, по што откако Гаши не прифати пратениците од редовите на Алијанса за Албанците, ДУИ и СДСМ ја напуштија собраниската седница. Пратениците од опозицијата изразија незадоволство бидејќи не добија јавно извинување од Стоиљковиќ. Реакции следеа и за начинот на кој претседателот на Собранието Африм Гаши ги презентирал заклучоците од одржаната координација.
Поради тоа, СДСМ одржа и прес-конференција, на која координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски, меѓу другото истакна дека навредите што биле упатени кон двајца пратеници на партијата, заменик-координаторот Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите и за изборот на Владата, како што беше кажано, не се напад што се случува првпат и побара одговорност од претседателот на Собранието, Гаши, но и јавно извинување.
По склучувањето на договорот за соработка на ВМРО-ДПМНЕ со Демократската партија на Турците, набргу до Собранието треба да биде доставен предлог за уште еден нов министер во Владата, а владејачкото мнозинство се зголеми за уште еден пратеник. Исто така, новина што премиерот ја соопшти пред извесно време е што во Владата веќе нема да има вицепремиер и министер за добро владеење, туку тие обврски ќе ги преземе лице од неговиот Кабинет. Изборот на заменик-министри, како што најави Мицкоски, ќе биде во септември.

Промената на министрите во Владата се случува на половина од мандатот на премиерот Мицкоски. На прес-конференција, по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседател е, рече дека оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти.
– Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување – рече премиерот Мицкоски.
Секој функционер, потенцира тој, мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата.
– Тоа останува принцип од кој нема отстапување. Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата – рече тогаш премиерот Мицкоски.




