Собранието донесе повеќе закони по скратена постапка, меѓу нив и измените во Кривичниот законик со образложение да се забрза процесот на реформите, а повеќе закони со европски знаменце ќе се најдат пред пратениците и во 2019 година, меѓу нив и антикорупцискиот.

Владата го повлече Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој беше во собраниска процедура, а пратениците на 24 овој месец го усвоија во прво читање со 59 гласа „за“ и 16 „против“.

Во образложението на Владата се наведува дека на последната седница е донесена одлука за повлекување на антикорупцискиот закон од собраниска процедура со цел тој да добие европско знаменце и да се забрза постапката на неговото донесување, а со тоа и постапката за избор на нова Државна комисија за спречување на корупцијата според новите критериуми утврдени со законското решение.

На собраниската седница на која се носеше законот во прво читање забелешките на опозицијата одеа токму во таа насока дека државата, која од март нема антикорупциопери, додека да се донесе новиот закон ќе остане без Антикорупциска и за време на претседателските избори, бидејќи нема да може да се постигнат временските рокови новиот состав да се избере.

Со новото законско решение се регулираат и двете области корупцијата и судир на интереси,  меѓудругото се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите, а има измени и во главата осум, кои се однесуваат на пријавување на имотната состојба и интересите и обврските кај административните, судските и јавните службеници од категоријата П1 да поднесуваат најдоцна во рок од 30 дена од денот на вработувањето и да доставуваат до органот изјави за  имотната состојба.

ДКСК не функционира речиси десет месеци, откако во март по објавувањето на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Антикорупциска, во кој ревизорите нотираа сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите како фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување на станови во Скопје, петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и претседателот Игор Тантуровски.

Со европско знаменце пред пратениците ќе се најдат и други закони од сферата на правосудството – една од областите кои се приоритетни за реформирање заради усогласување со европските политики. Во тој сет се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог на закон за прекршоците, Предлог на закон за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог на закон за управни спорови – сите во прво читање.

Собранието во петокот донесе повеќе закони по скратена постапка, меѓу кои и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, пред чие гласање опозицијата ја напушти седницата.

Интервенцијата во Кривичниот наиде на реакции во јавноста, тврдењата одеа во насока дека се подтотвува нова амнестија, се намалуваат казните и оти сето тоа ќе влијае одредени дела кои ги води СЈО да застарат или пак обвинетите во нив да поминат со помали казни. Владата пред неколку дена со соопштение демантираше дека планира нова амнестија и обрзложи дека измените одат во насока на реформските процеси.

А пред измените во Кривичниот законик да бидат изгласани шеснаесет граѓански организации споени во иницијативата „Не во мое име“ до претседателот на Собранието Талат Џафери и до пратениците-предлагачи на измените поднесоа барање да се повлечат од дневниот ред на седницата, бидејќи, како што рекоа, ја оневозможуваат правдата.

Бараме итно повлекување на точката од денешната седница во 15 часот, точката со која што треба да се направи промена на Кривичниот законик со што некои од членовите во Законот ќе овозможат дел од обвинетите или најголем дел од обвинетите во случаите на СЈО да имаат намалени казни или нивните казни, односно обвиненија да застарат, порачаа тие во изјава за медиумите во собранискиот прес-центар.

Очигледно, додадоа, ни се повторува она што го имавме и со претходната власт.

Граѓанските организации се многу огорчени од овој чин на политички преговори, манипулации во заден час пред истекот на старата година да се прават вакви измени. Сметаме дека е неприфатливо Кривичниот законик да се менува по скратена постапка и сметаме дека е неприфатливо да се прават какви било промени на овој и на други закони со кои ќе се оневозможи правдата и со кои принципот на неказнивост и амнестирање заради криминал и корупција ќе продолжи и понатаму, порачаа од иницијативата „Не во мое име“.

Со измените кои поминаа во Собранието меѓу другото се интервенира во членот 275-в, со кој се регулира злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa
набавкa или јавно-приватно партнерство. Измените се во ставот 3, каде казната затвор за сторителот, кој со извршување на делото остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или предизвикал штета од поголеми размери од најмалку пет години се намалува на четири години.

Незадоволство предизвикаа и интервенција има и во членот 279, кој се однесува на даночното затајување.

СДСМ излезе со соопштение дека измените на Кривичниот законик предложена од група пратеници е усогласена со верзијата која ја предложи и Владата согласно Планот 18 и Стратегијата за реформи во правосудството.

Целта на донесување на овие измени, појснуваат од партијата, е пред се, ревидирање на одредбите во неколку области, од кои како најзначајни се: криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете-жртва, воведувањето ново кривично дело „Попречување на правдата“, кодифицирање на кривичното дело за заштита на сведоци содржано во Законот за заштита на сведоци во Кривичниот законик…

СДСМ вели дека во рамките на политиката на генералното намалување на санкциите, е предложена и измената на висната на казната за кривичното дело од членот 275-в од Кривичниот законик.

Тврдат дека измената нема да влијае на никаков начин на застарување на кој било предмет отворен од СЈО пред надлежните судови.