Делегација на Собранието, составена од заменик-шефот на Делегацијата, Иванка Василевска и членката Бисера Костадиновска-Стојчевска, активно учествува на Сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која се одржува од 28 септември до 2 октомври 2026 година во Стразбур.
Во своите обраќања, информираат од собраниската прес-служба, тие зборуваа за современите европски дебати за независноста на медиумите. Говореа и за влијанието на вештачката интелигенција, како и за политиките за демографска обнова, нагласувајќи го нивното значење за нашата земја.
За време на дискусијата за растечките закани врз медиумскиот плурализам и независноста на медиумите, Василевска рече дека граѓаните можат вистински да учествуваат во демократскиот живот само ако имаат пристап до сигурни и различни информации. Таа подвлече дека законите за слобода на изразување и медиумите треба да бидат придружени со поголема јасност за сопственоста и финансирањето, со независен јавен сервис и јасни правила за распределба на јавните средства.
Василевска смета дека одржливото новинарство бара заштита на новинарите од закани и притисоци. Потребни се и медиумска писменост и независни институции во време на ширење дезинформации и брзи промени во дигиталната средина.
„Медиумскиот плурализам не е привилегија на медиумските организации. Тоа е право на граѓаните и основа на демократската отчетност“, порача Василевска.
Костадиновска-Стојчевска, исто така, се обрати на темата за медиумскиот плурализам и независноста на медиумите. Притоа, истакна дека пристапот до разновидни и веродостојни информации е предуслов за учество на граѓаните во демократските процеси.
Таа рече дека јасното прикажување на сопственоста и независноста на јавниот сервис се важни за слободно и информирано општество. Таа предупреди и дека намалувањето на локалните медиуми, како и ширењето лажни и неточни содржини на дигиталните платформи, го прават потежок пристапот до квалитетни информации.
Во дебатата за лажните избори во Русија и нејзините дестабилизирачки напади врз Европа, Бисера Костадиновска-Стојчевска оцени дека парламентарните избори во Русија се одржале во ограничена политичка средина. Немало набљудувачи на ОБСЕ, а просторот за опозициските партии и независното следење на изборниот процес бил стеснет. Таа посочи дека демократските избори не значат само гласање и објавување на резултатите. Тие подразбираат политички плурализам, слобода на изразување и можност граѓаните да избираат меѓу вистински политички алтернативи. „Веродостојноста на изборите зависи и од тоа дали граѓаните можат слободно да избираат и дали процесот е транспарентен и подложен на независно набљудување“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Пратеничките Василевска и Костадиновска-Стојчевска учествуваа и во дебата за улогата на OECD во процената на влијанието на вештачката интелигенција врз иднината на работата.
Василевска рече дека дигиталната трансформација ги менува јавните услуги, економијата и пазарот на труд. Таа кажа дека следниот чекор за нашата држава е поврзување на постојните дигитални системи во функционална целина. Ова ќе ги олесни услугите и ќе ја зголеми отчетноста на институциите. Истакна и дека подготовката за промените бара развој на дигитални и аналитички вештини, приспособливост и доживотно учење.
Костадиновска-Стојчевска рече дека вештачката интелигенција носи можности за повисока продуктивност и нови работни места. Таа подвлече дека се појавуваат и прашања за нееднаквоста, вработувањето и правата на работниците. Пратеничката додаде дека треба да се користи технологијата на транспарентен и одговорен начин. Образованието и преквалификацијата треба да им помогнат на работниците да се прилагодат на промените.
Во дебатата за Политички препораки за демографска обнова во Европа погодна за семејствата, Василевска посочи дека се потребни достапни услуги за згрижување деца, добра здравствена заштита и поддршка за младите семејства. Според неа, родителството треба да биде вистински избор. Тоа не треба да биде одлука ограничена од неизвесност или недостиг на услуги.
Во дебатата за набљудувањето на предвремените избори во Косово, Костадиновска-Стојчевска рече дека е потребен политички договор за да се надмине институционалниот застој. Таа предупреди дека ако нема консензус, може да има нови избори и кризата да се продлабочи. Исто така, посочи на малото учество на жените во телевизиските дебати.
Иванка Василевска постави прашања до германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и до претседателот на Португалија, Антонио Жозе Мартинш Сегуро.
Од Вадефул побара да објасни како резултатите од неодамнешните федерални избори ќе влијаат врз надворешната политика на Германија, особено врз нејзиниот пристап кон европската интеграција на Западен Балкан.
Во обраќањето до португалскиот претседател, Василевска праша како Португалија планира да го зајакне своето дипломатско присуство во регионот и на кој начин земјите од Јужна Европа можат да придонесат во тие напори.
Бисера Костадиновска-Стојчевска го праша претседателот на Европскиот суд за човекови права, Матијас Гијом, какви мерки се преземаат кон државите што не ги спроведуваат пресудите на Судот.
Таа го праша германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, за неговата средба со рускиот министер Сергеј Лавров и за тоа како Германија може да придонесе за завршување на војната.
Костадиновска-Стојчевска упати прашање и до претседавачката со Комитетот на министри на Советот на Европа, Изабел Брос-Амадаи, за реформскиот процес во организацијата.
Инаку, Сесијата ја отвори претседателката на ПССЕ, Петра Бајр. Таа повика подготовката на обврзувачка конвенција на Советот на Европа за право на безбедна, здрава и одржлива животна средина, да започне уште оваа есен. Бајр ги повика и Парламентите во Европа брзо да го ратификуваат договорот на Советот на Европа за вештачката интелигенција и човековите права. Ова е првиот обврзувачки договор од ваков вид во светот.
На денот на отворањето, ПССЕ по четиринаесетти пат ја додели Наградата „Вацлав Хавел“ за човекови права. Лауреатка за 2026 година е иранската адвокатка и бранителка на човековите права Насрин Сотуде. Таа застапувала активисти, новинари, припадници на малцинствата и деца на кои им се заканувала смртна казна. Бидејќи не можела лично да присуствува, наградата ја прими нејзината ќерка Мехравех Кандан Херис. Признанието, што ПССЕ го доделува во партнерство со Фондацијата „Харта 77“, ги наградува исклучителните напори на граѓанското општество за заштита на човековите права во Европа и пошироко. Принцот Алберт II од Монако им се обрати на пратениците.




