Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска, на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, порача дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија.
Вадефул на собирот во Пржно изјави дека Берлинскиот процес е сведоштво дека се оди кон тоа земјите од Западниот Балкан да можат да станат членки на Европската Унија.
– Имаме 26 настани, вклучувајќи 12 министерски конференции. Ова е, најверојатно, најголемиот Берлински процес во историјата. Берлинскиот процес е сведоштво за тоа каде сакаме да одиме, кон иднина во која земјите од Западниот Балкан можат да станат членки на Европската Унија – рече Вадефул.
Тој истакна дека пораката е јасна – доколку постои волја и способност да се исполнат критериумите за пристапување кон Европската Унија, успехот може да се постигне во следните неколку години.
– Берлинскиот процес делува како катализатор на вашиот пат кон европските интеграции. За регионот да се приближи кон Европската Унија, самиот мора да ги покрене тие промени и вистински да преземе одговорност за нив, надминувајќи ги политичките и другите пречки – порача Вадефул.
Тој исто така рече дека 20 години по стекнувањето на независноста, Црна Гора „чука на вратата на Европската Унија“.
– Верувајте ми, тој звук се слуша и во Брисел и во сите европски престолнини. Пред само неколку недели, на почетокот на јуни, лидерите на ЕУ и Западниот Балкан се сретнаа во Тиват на самитот ЕУ – Западен Балкан. Германскиот канцелар и францускиот претседател ја истакнаа нашата посветеност за создавање нов замав за процесот на проширување. Тоа е воедно и насловот на заедничкиот германско-француски неофицијален документ (нон пејпер) кој изнесува како сакаме да внесеме нова динамика во процесот на проширување преку обезбедување дополнителни поттикнувања, во рамките на процесот на постепена интеграција базирана на заслуги – рече тој.
Вадефул изјави дека денеска на самитот ќе разговараат за тесно поврзани теми, како што се економското приближување и регионалната интеграција, начините за создавање можности преку намалување на пречките меѓу земјите од Западниот Балкан и ЕУ, како и за тоа колку добрососедските односи и соочувањето со минатото se неопходни за поттикнување на помирувањето.




