Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, оствари средба со Дуда Баље, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции од Република Косово и со членовите на истата комисија.

Дел од собраниската делегација беа пратениците Сашко Атанасов, Трајчо Димков, Панчо Минов, Слаѓана Митовска, како и Зеќир Рамчиловиќ, претседател на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентот на Босна и Херцеговина. Во придружба на делегацијата беше и амбасадорот на Македонија во Приштина, вршител на должност, г. Реџеп Салиу.

Пратеникот Трајче Димков на својот Фејсбук профил објави фотографии од средбата и ги потенцираше проблемите со кои се соочуваат Македонците на Косово, како и посочувањата на нивните проблеми од страна на македонските пратеници пред државниците во Косово. Имено, пратениците побарале да се признае македонската заедница во Косово, барање што впрочем го имаат доставено и Македонската горанска заедница, како и поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов кој во неколку наврати ја има актуелизирано оваа тематика за време на службени и работни посети. Исто така, тие побарале разгледување на можноста за отворање на лекторат по македонски јазик на косовските универзитети, со што ќе се овозможи темелно и систематско проучување на македонските дијалекти во населените места во областа Гора и Средечка Жупа, во Косово. Пратениците разговарале и за суштинско подобрување на институционалната грижа, на национално и општинско ниво, за автохтониот македонски говор во областа Гора. Имено Законот за употреба на јазиците во Р. Косово предвидува стекнување на статус на “службен јазик на општинско ниво” за јазиците на малцинските етнички заедници кои сочинуваат најмалку 5 отсто во дадена општина. Оттука, согласно резултатите од пописот на населението во Косово од 2011 година, речиси 30 отсто од населението во општината Драгаш (област Гора), одговориле дека нивниот мајчин јазик е “нашинскиот”. Сепак, на општинско ниво, освен двата службени јазици на државно ниво, албанскиот и српскиот, статус на службен јазик има и босанскиот, додека за “нашинскиот”, кој претставува дијалектна форма на македонскиот јазик, воопшто не е ниту разгледана можноста да се прогласи за “службен јазик” или барем “јазик во службена употреба”. Тема за разговор била агресивната бугарска пропаганда во областа Гора, чија главна цел е докажување на наводниот бугарски етнички карактер на македоноговорното население во областа Гора, Косово.