Претседателот на Бугарија Румен Радев за денеска свика состанок на Советодавниот совет за национална безбедност.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, темата е „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: РС Македонија и Албанија“.

На него ќе учествуваат лидерите на сите парламентарни партии и коалиции во 47. Народно собрание на Бугарија, неговиот претседавач Никола Минчев, како и потпретседателката на државата Илијана Јотова.

Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија и пратеничка од опозициската ГЕРБ во бугарскиот парламент Екатерина Захариева го критикуваше претседателот Румен Радев поради свикувањето на Советодавниот совет за национална безбедност за Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Захариева за БНТ изјави дека Советодавниот совет за национална безбедност не бил свикан од претседателот две години, што, според неа, е во спротивност со законот. Захариева смета дека Радев требало да го свика Советот за најмалку четири теми – како што се кризата со Ковид, инфлацијата, кризата со цената на енергијата и конфликтите меѓу Русија, Украина и она што се случува во Казахстан. Според неа, тоа се многу поважни теми од Македонија.

Екатерина Захариева беше категорична дека не гледа закана за националната безбедност на Бугарија од Република Македонија, освен, како што наведе, ако само претседателот Радев гледа закана.

Таа рече дека за конфликтот во Казахстан се зборува во целиот свет, а само во Бугарија молчат претседателот и владата. Захариева додаде дека во Бугарија има бази на НАТО и дека нема ниту еден НАТО сојузник кој сака тензии во близина на нејзините граници.