Деновиве на Копаоник, во соседна Србија, почна скијачката сезона, а како што пишуваат српските медиуми има голем број туристи и скијачи, но и солени цени.
Персоналот во рестораните и кафулињата е услужлив и љубезен, но цените се доста високи, пишува Б 92.
Од декември до крајот на март, Копаоник е полн со туристи, а локалите кои се на самите патеки ги задржуваат високите цени во однос на објектите кои се малку поизолирани, па дури и во однос на Белград.
На пример, во едно кафуле сметката за две ракии и едно капучино била 980 динари (околу 514 денари). За 20 динари помалку била сметката за истите три пијачки, со ручек (половина порција јагнешко со леб), во познат ресторан во близина на Копаоник.
А пак на најатрактивните места порција месо (пет ќебапи) чини 1.200 динари (630 денари), а во пооддалечениот ресторан – истата порција е 250 динари. Значи, разликата е дури 1.000 динари, пишува Телеграф.
Инаку, Копаоник, е една од омилените зимски дестинации и за љубителите на скиењето од Република Македонија.