На плоштадот Аристотел во центарот на Солун последниве денови „никна“ илегален бегалски камп, откако група од десетици мигранти се сместија пред зградата на тамошната полициска станица, објави грчкиот весник „Елефтерос типос“.
Весникот наведува дека дел од мигрантите изјавиле дека престојуваат пред станицата на плоштадот бидејќи немаат документи за престој во Грција и чекаат полицијата да ги приведе, за да можат да бидат регистрирани и да започнат процедура за барање азил.
Мигрантите, меѓу кои најголемиот број се по потекло од Ирак, велат дека немаат каде да престојуваат, ниту каде на набават храна.
Извори во полицијата за весникот изјавиле дека не можат да сторат ништо во овој случај, бидејќи мигрантите се во надлежност на Дирекцијата за странци и дека треба да интервенира нејзината канцеларија во Солун.