В сабота во Солун се закажаните три различни и меѓусебно неповрзани протести, еден против договорот од Преспа од една, друг организиран од грчките синдикати за економската политика и трет од анархистичките здруженија и организации, во комбинација со фактот дека САД се почесна земја на саемот.
Тоа е причина за драконски безбедносни мерки за време на свеченото отворање на 83-от Меѓународен саем, јави МИА од Атина.
Претставници на синдикатот на вработени во полицијата, за грчките медиуми велат дека за Солун заминуваат полицајци од цела Грција, а за безбедноста ќе се грижат 5.000 до 5.500 полицајци.
Според грчката телевизија „Скај“, во планирањето на безбедносните мерки учествувале и претставници на ФБИ, а за време на саемот претставници на ФБИ и ЦИА ќе бидат присутни на секој агол во Солун.
Меѓународниот саем започнува в сабота со говор на грчкиот премиер. Паралелно со свеченото отворање и обраќањето на Алексис Ципрас, ќе се одржат и 3 различни протести.
Како што веќе објави МИА, грчките организации од дијаспората и „Комисиите за борба за Македонија“ ги повикуваат Грците „на мирен и решителен начин, без партиски обележја и без говорници“ в сабота, во 19 часот да излезат на протест Против Договорот од Преспа.
Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и јавниот сектор, исто така ќе одржат протест, но исклучиво поради економската ситуација во земјата, со барање да се поништат сите мерки што произлегуваат од меморандумите.
Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, ги повикува граѓаните да им се придружат и против владината политика, но и поради Договорот од Преспа и НАТО.
Засебни собири закажаа и анархистичките организации и здруженија.
Според најавите, се очекува оваа година, Меѓународниот саем во Солун да биде најголем до сега. Процените од организаторите се дека ќе има околу 1400 штандови и над 290 илјади посетители.
Како што јави МИА, 83-от саем започнува в сабота на 8-ми септември, а ќе трае до 16 септември. За време на саемот, обраќања и прес конференции, освен грчкиот премиер, ќе имаат и лидерите на речиси сите грчки политички партии.