Плакати со фотографии на пратениците кои го поддржуваат и ќе гласаат за ратификација на Договорот од Преспа беа залепени во Солун и низ други градови во Северна Грција.
На плакатите со фотографијата и името на пратеникот стои и пораката: „…ти ќе ја предадеш нашата Македонија?“, јави дописничката на МИА од Атина.
Според медиумите во Грција, грчката полиција уапсила четири лица, две во Кожани и две во Гревена. Двајца биле пуштени на слобода, а другите двајца ќе бидат изведени пред јавен обвинител.
Од владејачката СИРИЗА велат дека овие плакати се фашистички практики и се дел од организирана кампања за заплашување на пратениците.
– Господинот Мицотакис, дури и во последен момент, треба да ја сфати неговата огромна одговорност. Ако, дури и сега, не се дистанцира од овие недемократски практики, не остава никаков сомнеж дека тој стои зад нив, соопштуваат од СИРИЗА.
Најголем дел од плакатите во текот на вчерашниот ден биле закачени во различни делови на Солун, а според медиумите, од рано утрово служби од општината тргнале дел од нив.с