Родителите треба да бараат чаре за згриѓување на своите деца бидејќи од понеделник почнува штрајк во училиштата и градинките во Македонија.

– Од 11 април вработените во градинките, основните и средните и училиште ќе почнат со генерален штрајк и нема да ги згрижуваат ниту помалите деца кои одат во градинките или во дневен престој во училиштата, вели претседателот на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Тој за „Фокус“ додава дека родителите треба да имаат разбирање за протестот на вработените.

-Одговорноста за организирање на воспитно образовниот процес е на директорите. Штрајкувачите ќе бидат во штрајк и нема да работат со децата. Оттука, треба да се бара одговор од директорите, а родителите треба да имаат разбирање за проблемите на вработените во градинките, основните и средни училишта, вели Неделков.

Тоа значи дека родителите на кои нема кој да им ги чува децата ќе мора да бараат решение.

СОНК не успеа да се договори со Владата за зголемување на платите согласно новата минимална плата и според последните информации од СОНК, штрајкот е се поизвесен. Наставниците, воспитувачите и другиот образовен кадар ќе штрајкуваат односно нема да работат додека не се договорат со власта.

СОНК, кој е грански синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикати, бараат веднаш да се зголемат платите за 18,4 отсто и да се бара системско решение за усогласување на останатите плати. Претставници на СОНК двапати се сретнаа со претставници на Владата, но не постигнаа договор.