По два часа без конретен договор заврши уште една рунда преговори меѓу СОНК и надлежните.

На маса нов процент за покачување на платите – но на повидок и нов камен на сопнување.Првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков, вели иако нема конкретни детали, бидејќи и натаму се чекаат информации од Министерството за финансии, сепак со МОН се преговара за нов процент на покачување на платите.

Оптимизам за договор има, но под знак прашалник и натаму остануваат дневниците на наставниците и воспитувачките за деновите во штрајк, што според Неделков може да ги наруши преговорите.

„Доставивме барање, иницијатива до МОН за исптлата на дневници врз основа на колективен договор, имаме основ за таа работа и скоро сме сигурни дека ќе бидат исплатени во дејноста образование. За жал имаме проблем во МТСП со детска заштита, има навистина сериозен проблем каде што еве до ден денес нема сигнал дека таму ќе бидат исплатени дневниците, може да биде сериозен проблем во нарушување на процесот на преговори.“ – изјави Јаким Неделков претседател на СОНК.

Од труд и социјала велат согласно законите и колективниот договор исплатата на плата и надоместоци од плата е согласно закон. Очекуваат предучилишните установи да ги почитуваат одредбите од наведените прописи при исплата на платите и надоместоци во време на штрајк.

Дека деновиве е можен договор, оптимизам и кај министерката Тренчевска.

„Возможно е многу скоро да се дојде до заедничко решение кое што ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образоаванието, но да оставиме преговарачот и двете страни да ги водат преговорите.“ – изјави Јованка Тренчевска министерка за труд и социјална политика.

Синдикатот штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од труд и социјала дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.

Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена, кои истекуваат в недела, за кога е закажана и новата рунда преговори.