Ваквото толкување на Законот за амнестија од страна на претседателот не е соодветно и може да нанесе штета по статусот на бранителите во некои идни правни постапки, реагира проф. д-р Тања Каракамишева за изјавата на Стево Пендаровски во синоќешното Само интервју на ТВ Канал 5.

Професорката Каракамишева ја коментира изјава на Пендаровски дека со Законот за амнестија бранителите и борците на ОНА-УЧК се изедначени.

Таа вели дека во тој закон никаде, во ниту една одредба не се вели дека статусот на македонските бранители и статусот на припадниците на ОНА е изедначен.

– Ваквото толкување на Законот за амнестија од страна на претседателот не е соодветно и може да нанесе штета по статусот на бранителите во некои идни правни постапки. Дадената амнестија значи ослободување од натамошен кривичен прогон на сите инволвирани во конфликтот во даден временски период, иако самата амнестија беше исклучително контроверзен политичко-правен процес, во кој сите знаеме, институциите во земјата, од политички причини, го извртеа правото и потклекнаа пред правдата, вели Каракамишева за весникот Слободен печат.