Евентуалната руска воена агресија против Украина би имала огромни последици и би предизвикала сериозен одговор, се вели во заедничката изјава на САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада, Украина, Полска и неколку други европски држави.
Соопштението е објавено откако на барање на Русија се одржа неофицијален состанок во Советот за безбедност, според таканаречената формула Арија, на која не е задолжително присуството на сите членки.
Земјите потписнички на документот оценија дека времето на одржување на таа средба е особено загрижувачко, бидејќи доаѓа во време кога Русија го засилува своето воено присуство на Крим и на границите на Украина.
Во соопштението се истакнува дека Повелбата на ОН забранува закани или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава.
Потписниците на документот ја повикуваат Русија да ја прекине непријателската кампања за дезинформации против Украина, да ги намали тензиите во и околу Украина и без одлагање да ги повлече воените сили и опремата што, како што се вели, ги распоредила во таа земја без одобрение на Киев.
– Постапките на Русија се прашање на глобална загриженост и го прекршуваат меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН, се вели во соопштението.