Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против Д.Ј. од Кочани, по произнесување на осомничениот, во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите приложени кон предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот и определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Притворот е определен поради постоење на основите предвидени во член 165 став 1 точки 1 и 2 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), односно поради постоење опасност осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци.
Мерката притвор започнува да се извршува од 03.10.2026 година, имајќи предвид дека лицето во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“.
Во новоотворената истрага, за која е предложен притворот, Д.Ј. е осомничен дека сторил кривично дело „Давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик.
Имајќи предвид дека осомничениот, мерката притвор, определена во предметот „Пулс“, ја издржуваше во КПУ Затвор Куманово, со оглед да првично му беше определена од Основниот суд Кочани, сега истиот ќе биде префрлен на издржување на ново определената мерка притвор во Затвор Скопје, согласно Правилникот за спровод и издржување на определените мерки за обезбедување присуство.
Во однос на предлогот на одбраната на Д.Ј. за укинување на претходно определената мерка притвор во предметот „Пулс“, со определување гаранција во износ од околу 200.000 евра во недвижен имот, истата од страна на одбраната денеска е повлечена, а со оглед да согласно Законските одредби овој притвор може да трае една година по оценување на обвинителниот акт, истиот истекува во текот на утрешниот ден.
Против решението на судијата на претходна постапка со кое е определена мерката притвор, одбраната има право на жалба по која одлучува Кривичниот совет, наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје. (МИА)




