Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин размениле писма во кои ветуваат дека ќе ги развијат своите врски во, како што рече Ким Џонг-ун, „долгорочни стратешки односи“, јавија светските медиуми, цитирајќи севернокорејска новинска агенција.
Писмата се по повод 78-годишнината од ослободувањето на Кореја од јапонската колонијална власт (1910-1945), која се слави и како национален празник во Јужна Кореја.
Во своето писмо до Путин, севернокорејскиот лидер наведе дека пријателството на двете земји е создадено во Втората светска војна со победата над Јапонија и сега „целосно ја покажа својата непобедливост и моќ во борбата за разбивање на самоволието и хегемонијата на империјалистите“, посочува севернокорејската новинска агенција.
„Цврсто сум уверен дека пријателството и солидарноста… ќе продолжат да се развиваат во долгорочни стратешки односи во согласност со барањата на новата ера. Двете страни секогаш ќе излезат како победници со силна поддршка и соработка во текот на постигнувањето на заедничката цел и кауза“, се вели во писмото на Џонг-ун.