Советот на амбасадори денеска преку соопштение изрази поддршка за ставовите на претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со случајот „Рекет“, за кој, како што велат, со големо внимание и загриженост ги следат расположивите информации поврзани со него, а во кој, се додава, покрај деловни и естрадни и новинарски личности се наводно инволвирани и членови на СЈО, правосудните власти и познати имиња на функционери од разни државни институции, но партиски членови на разни позиции.
-Советот на амбасадори дава целосна поддршка на претседателот на РС Пендаровски за неговите цврсти ставови и пораки изразени на вчерашната конференција за медиумите. Недвосмислено Претседателот државнички застана зад принципите на правната држава и интересите на граѓаните, како и кредибилитетот на нашата држава со насочено внимание кон евроатланската агенда на Македонија. Ние, поранешните амбасадори кои членуваат во Советот на амбасадори би сакале да ја изразиме нашата определеност и заедно со истакнатите заложби на претседателот Пендаровски да придонесеме за зачувување на довербата на меѓународната заедница која може да биде сочувана и почитувана со целосно расветлување на овој случај од страна на истражните и судските органи, се наведува во соопштението.
Според Советот, после три децении, на прагот сме да ги оствариме нашите декларирани стратешки надворешно-политички заложби – членство во НАТО и добивање датум за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, а уште поважно е и враќањето на довербата на граѓаните дека градиме демократска држава по европските стандарди.
-Можни се натамошни непредвидени пречки во остварување на тие цели, но од своја страна треба да ги елиминираме сите можни пречки на тој пат. Правилната и вистинската судска разврска ќе биде гаранат дека сме правна држава во која владеењето на правото се применува врз секој граѓанин на РС Македонија, се посочува во соопштението од Извршниот одбор на Советот на амбасадори.