Криминалната афера „Рекет“ која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава, е огромен тест за правната држава, оцени претседателот на државата Стево Пендаровски.

Тој повика на ефективна, брза и темелна истрага, како и на кривично правна и политичка одговорност и казни  за сите чија вина ќе се докаже без разлика дали станува збор за обвинители, членови на политички партии, бизнисмени или политичари. Пендаровски дава целосна поддршка на надлежните институции, а особено на обвинителството и судот за расветлување на случајот „Рекет“ и најави дека ќе ги употреби сите уставни  и законски овластувања за да ги заштити од притисоци.

Посочувајќи дека револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан, како што рече, и тој како граѓанин, како човек, не само како претседател, е разочаран затоа што се изневерени и неговите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава.

– Сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, рече претседателот Пендаровски и изрази очекување и за зголемен мониторинг и од медиумите.

Шефот на државата вели дека е разочаран од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Без да се сфати како политички притисок врз истражните органи што тоа треба да го работат,  како човек, со оглед на тоа што досега е јавно е познато – да разочаран сум, истакна Пендаровски.

СЈО, позиционирано внатре во системот на редовното јавно обвинителство, треба да продолжи да ги истражува криминалите на претходната власт, но, и криминалите на актуелната власт и на било која власт во иднина. Нема правна држава ако власта ги гони само криминалците на предходната власт, а не и криминалците во своите редови, смета претседателот.

Тој не коментира дали е можно да падне Владата поради случајот „Рекет“, но лично смета дека предвремени избори до крајот на годинава не се од интерес на државата, кога очекува комплетно интегрирање на земјата во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ.

Нагласи и дека не би одел со предвремени избори пред да биде спроведен попис, кој, смета дека, и е преку потребен на државата за да изгради каква било фундирана развојна политика во сите клучни области.

Според претседателот Пендаровски, мора брзо да се расчисти „Рекет“ и од аспект на евроатлантските интеграции. Можеби не во однос на НАТО, бидејќи таму сме во завршните фази од процедурата, подвлече, но во однос на ЕУ не смееме да оставиме ниту најмал сомнеж, ниту кај една единствена земја членка на ЕУ дека ние не сме подготвени да расчистиме и вакви случаи.

Колку оваа афера „Рекет“ ќе влијае на добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, претседателот Пендаровски е дециден дека во овој момент од информациите што ги има од ЕУ и Европската комисија, нема промена во ниту една земја членка во насока за ревидирање на нивниот став. Се осврна на тоа дека постојат земји-членки на ЕУ кои години наназад го имаат ставот – против проширувањето во принцип, а не се против Северна Македонија.

– Не смееме преку вакви случаи, преку инертност или не постапување на државните надлежни органи да им дадеме и најмал повод да размислуваат во таа насока, изјави претседателот.

Шефот на државата уште еднаш повтори дека сме во завршните фази за членство во НАТО, иако постои мала теоретска можност, појасни, да не се заврши до 4 декември до Лондонскиот самит, бидејќи Шпанија во моментот нема влада и можно е теоретски да не стигне да го ратификуваат Протоколот за нашиот пристап во Алијансата.

Тој засега нема да свика седница на Советот за национална безбедност, затоа што, рече, сите информации кои ги добива од надлежните органи кои се под негова надлежност, но и од оние кои не се под директна негова надлежност, а го информираат, таква опасност по интегритетот и суверенитетот не постои во овој момент.

– Индикаторите кои ги означуваат трендовите исто така не кажуваат дека наскоро може да има влошување на безбедносната состојба во таков обем да мора да се свика Советот за безбедност, изјави Пендаровски и изрази уверување дека 24/7 се следат состојбите и ако постои каква било опасност ќе заседава Советот и нема да оди на колективен одмор.

Очекува зголемен мониторинг и од медиумите и притоа, нагласи, треба да биде помалку битно кој ги набавил или дистрибуирал снимките од тоа дали содржината на разговорите е вистинита или не. Од  медиумите побара,  без да се нарушува слободата на изразување, внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од различни страни затоа што, како што укажа, лажните вести немаат за цел да ја имнформираат македонската јавност, туку да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и државните институции.