Бугарските власти да ги спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да дозволат регистрација на здруженијата на македонското малцинство, одлучи Комитетот на министри на Советот на Европа.
Како што објави ТВ Канал 5, на состанокот кој се одржал од 6-ти до 8-ми декември Комитетот ги разгледал неспроведените одлуки на судот во Стразбур за случаите во групата ОМО Илинден и други против Бугарија, кои се повеќе на број. Воедно, Комитетот ја повика бугарската Агенција за регистрација и надлежните судови да не отфрлаат регистрација на здруженија, а Агенцијата да дава упатства за исправка на досиејата дококлу во нив има одредени недостатоци.
-Изразуваме жалење за фактот што и покрај усвојувањето на времената резолуција во 2020 година и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата финална пресуда од оваа група, на здруженијата кои имаат „за цел да остварат признавање на македонското малцинство“ продолжува рутински да им се одбива регистрација главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и се соочуваат со постојана пракса од страна на властите кои наоѓаат нови основи за одбивање иако документите за регистрација се неколку пати разгледувани. – пишува во втората точка од одлуката на Комитетот на министри.
Во одлуката стои дека Комитетот на министри ќе изврши контрола на спроведеното од овие препораки и во септември 2023 година.
Оваа одлука, според Претседателот на ОМО Илиден Пирин Стојко Стојков е чекор напред во остварување на човековите права на Македонците во Бугарија, но вели дека проблемот за ова прашање е повеќе политички, отколку законски.
– Не е проблемот ниту во документите ниту во нешто друго, проблемот е што има една официјална политика дека такво малцинство нема и не смее да има и затоа има повеќе пресуди кои се аргументирани преку тоа штом барате такво малцинство, или сакате нешто со тоа малцинство да правите вие сте закана за територијалната целост на државата, за суверентитетот на државата и затоа не може. Мислам дека нешто што во Комититетот и во оваа одлука пак им кажува дека тоа не смее да се користи како аргумент, вели Стојков.
Адвокатот на ОМО Илинден Пирин, Тони Менкиноски оценува дека Бугарија е ставена пред свршен чин во делот на имплементирање на пресудите на судот во Стразбур, а доколку тоа не го стори може да се соочи со одредени санкции.
Целата статија на ТВ Канал 5 може да ја прочитате и погледнете во видеото ТУКА.