Советот на Европа вечерва соопшти дека покренува постапка за исклучување на Русија од членство, откако руското Министерство за надворешни работи во текот на денот ја информираше организацијата дека покренува постапка за повлекување.
– Како лидери на Советот на Европа, во повеќе наврати ние силно ја осудивме руската агресија врз Украина. Оваа неоправдана и неиспровоцирана агресија доведе до одлука на Комитетот на министри и Парламентарното собрание да покренат постапка за исклучување на Русија од Советот на Европа, се наведува во заедничката изјава на претседавачот на Комитетот на министри на Советот на Европа, Луиџи Ди Мајо, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Тини Кокс и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Се наведува дека Парламентарното собрание вечерва едногласно оценило дека Русија повеќе не треба да биде земја членка на организацијата, додека Комитетот на министри утре претпладне ќе одржи вонредна седница за руското барање.
– Со дејствувањето во Украина, руските власти го лишуваат рускиот народ од придобивките од најнапредниот систем за заштита на човековите права во светот, вклучувајќи ја надлежноста на Европскиот суд за човекови права и нашиот огромен систем на конвенции. Изразуваме солидарност со рускиот народ кој, цврсто веруваме, ги споделува демократските вредности и се стреми да остане дел од европското семејство каде што припаѓа, велат официјалните лица.
Тие додаваат дека остануваат „решени да ги искористат сите расположливи средства за да обезбедат поддршка, помош и лекови за украинскиот народ во нивната борба против агресорот“ и да продолжат со потрагата по мир заснован на правда и меѓународна соработка.
Еден ден по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, Советот на Европа одлучи да го суспендира учеството на Русија во нејзините различни тела, со исклучок на Европскиот суд за човекови права.
Советот на Европа е основан во 1949 година и досега ги има собрано речиси сите земји на континентот, вкупно 47, вклучувајќи ја Русија од 1996 година и Украина од 1995 година.