Советот на Европа предупреди за евентуално зголемување на употреба на биолошко оружје, како што се вируси или бактерии, во пост-коронавирусниот свет.

Експерти за безбедност при Советот за Европа денеска истакнаа дека глобалната здравствена криза може во иднина да ја зголеми употребата на биолошко оружје од страна на терористи.

– Пандемијата на Ковид-19 покажа колку е ранливо современото општество кон вирусни инфекции и нивни ефекти, се наведува во соопштение на Комисијата за борба против тероризмот при Советот на Европа, пренесено од германскиот печат.

Според експертите, нема причина да се верува дека терористичките групи ќе ги заборават поуките од оваа пандемија, додавајќи дека „штетите ќе бидат брзи и потенцијално глобални“.

Германските безбедносни агенции се уште не откриваат дали се во тек такви напади, се додава во соопштението.

Намерната употреба на причинители на болести, како што се вируси или бактерии, со цел да се изврши терористички напад, „може да биде исклучително ефикасна“.

Штетите за луѓето и економиите можат да бидат „значително поголеми“ од оние на „традиционалниот“ терористички напад.

Експертите упатија апел до европските земји да реагираат посилно и координирано на оваа закана.

Тие конкретно ги повикаа 47-те земји членки на Советот на Европа да се подготват за борба против напад со биолошко оружје, учествувајќи во вежби за да ја разработат ситуацијата.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш минатиот месец изјави дека постои зголемена опасност од напади на биотероризам, чија цел е создавање пандемија слична на Ковид-19.