Новоизбраните 28 јавни обвинители од 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители денеска дадоа свечена изјава пред Советот на јавни обвинители.
Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, посочи дека по првиот оглас од оваа генерација не се пополнети местата во осум јавни обвинителства.
– Ние ќе продолжиме со постапката. Во текот на денешниот ден ќе објавиме огласи за пополнување на овие јавно обвинителски места, изјави Димитриеска.
Димитриеска посочи дека има јавни обвинителства каде веќе подолго време воопшто нема ниту еден јавен обвинител, како што се ОЈО Крива Паланка и ОЈО Ресен.
– Има и други места каде што не се доволен бројот на јавни обвинители, што секако се одразува на работењето на јавните обвинителства, изјави Димитриеска.
Советот на јавни обвинители организираше и отворен ден за кандидатите за јавни обвинители, на кој, како што појасни Димитриеска, била образложена постапката и динамиката на процесот.
Уверенија за успешно завршена обука од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во февруари годинава добија вкупно 97 кандидати од 8-мата генерација слушатели, од кои според проекциите 50 се судии, а 47 јавни обвинители.
Советот во февруари годинава објави оглас за избор на вкупно 47 јавни обвинители низ повеќе Основни јавни обвинителства на територија на целата држава. Од вкупно пријавени 39 кандидати, еден имал неуредна документација, а петмина кандидати ги повлекле своите пријави.
На седница на 7 март годинава Советот донесе одлука за избор на 28 јавни обвинители и тоа 15 во ОЈО Скопје, тројца во ОЈО Тетово, по двајца во ОЈО Куманово, ОЈО Прилеп и ОЈО Штип, по еден во ОЈО Битола, ОЈО Гевгелија, ОЈО Охрид, ОЈО Струмица.
Ниту еден кандидат од 8-мата генерација не се пријави на огласот за избор во ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кочани, ОЈО Кичево, ОЈО Крива Паланка, ОЈО Радовиш, ОЈО Ресен и ОЈО Струга.
Фото: МИА