Советот на Град Скопје ја одби иницијативата на Зелен хуман град (ЗХГ), домашни миленици, кучиња и мачки да се возат во автобусите на ЈСП.
Советниците сметаат дека во јавниот превоз нема услови за возење на граѓаните, а камоли за домашни миленици.
– Сега во автобусите нема место за граѓаните, секојдневно сме сведоци за гужви во возилата. Мој пријател дома чува мало прленце, за него тоа е миленик, дали тоа значи дека ќе може да го качи во автобус. Колкаво куче ќе може да се качи, дали ќе може и кане корсо да се вози или само мали кучиња. Ако е така нели е тоа дискриминација. Ова прашање мора убаво да се разгледа, да се земат предвид сите околности, рече советникот Страшо Ангеловски.
Драгана Велковска од ЗХГ во реплика одговори дека магарињата не се домашни миленици оти не се чуваат во стан.
– Во одлуката стои дека миленикот треба да е во транспортер тоа значи дека не може да биде потежок од 15 килограми. Треба да почнеме од некаде, па потоа ќе зборуваме и за поголеми кучиња. Градот вчера распиша оглас за приватните превозници пак да се вклучат во јавниот превоз со што проблемот би се решил, рече Велковска.
Мнозинството советници не ја прифатија иницијативата, со што домашни миленици нема да може да се возат во автобусите од јавниот превоз.
Инаку во автобусите на ЈСП дозволен е пристап на кучиња-придружници за лица на кои тоа им е неопходно.