Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува утре. Денеска треба да се одржи седница на Советот на безбедност на која ќе се разговара за евентуално продолжување на вонредната состојба, за што предлог треба да достави Владата.
Министерот Венко Филипче вчера најави дека ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, но не прецизираше дали ќе се бараат нови 30 денови или помалку.
– Потребно ни е да се продолжи вонредната состојба затоа што дел од мерките важат само за време на вонредна состојба. Многу е битно тие да важат и натаму. Многу е битно да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми, во однос на рестрикција на движење, уредбите кои важат и така натаму. Потребни ни се инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести ќе можат да се имплементираат преку Владата, рече Филипче.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски оцени дека доколку не се одржат избори во првиот можен рок, ќе треба вештачки да ја продолжуваме вонредната состојба за да имаме функционален систем.
– Ние сме одговорна власт, ако ова трае предолго, ако немаме ние никаков механизам за контрола, тоа е навистина опасно и за демократијата и не е добро од аспект на бизнисот, посочи Манчевски.
Вонредната состојба поради коронавирусот првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота.
Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.
Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.
Двете одлуки на шефот на државата за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.