Советот на ЕУ усвои 10 законски акти со кои се реформира европската рамка за управување со азилот и миграцијата, со што се воспоставува збир на правила за прием на мигранти, се создаваат ефикасни и усогласени процедури за доделување азил и треба да се обезбеди правична прераспределба меѓу земјите членки на товарот од прифатените мигранти.
Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.
– Овие нови правила ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите членки, истакна Де Мур, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Таа најави дека Европската Унија ќе ја продолжи својата соработка со трети земји за справување со, како што нагласи, главните причини за појавата на илегалната миграција.
– Само заеднички можеме да најдеме одговори за глобалниот миграциски предизвик, потенцира Де Мур.
Со измените земјите членки ќе може да ги упатуваат илегалните мигранти и барателите на азил на надворешните граници на ЕУ, каде преку процедурата за скрининг би се извршила нивна идентификација и здравствена проценка и би се провериле нивниот безбедносен ризик и ранливост.
Реформите предвидуваат систем за ажурирање на Европската дактилоскопија (Евродак), базата на податоци за отпечатоци на ЕУ за идентификација на барателите на азил и илегалните мигранти, со цел да се приберат попрецизни и поцелосни податоци, вклучително и биометриски, за сите категории мигранти, вклучувајќи ги лицата кои бараат меѓународна заштита. Унијата очекува да помогне за креирање миграциски политики и да ја подобри контролата на илегалната миграција и неовластеното преминување на границите.
Дополнително се поедноставува европската процедура за доделување азил и се утврдува постапката за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени. Новите правила исто така одредуваат која земја е одговорна за проверка на барањата за доделување меѓународна заштита и воспоставува единствен европски систем на критериуми за добивање на статусот „лица под меѓународна заштита“.
Со правилата првпат се воведува систем за правична распределба во прифаќањето на мигрантите меѓу членките на ЕУ и се воспоставуваат стандарди за прием на баратели на азил.
Како еден од начините за справување со илегалните миграциски текови со реформите се предвидува воспоставување заеднички европски правила за преселување и хуманитарен прием, со цел обезбедување легални и сигурни патишта до ЕУ.
Новина во Пактот е воспоставувањето задолжителна гранична процедура за проверка на одредени категории азиланти, како на пример оние што доаѓаат од држави кои имаат ниски стапки на одобрување на барањата за азил, со што уште на самата граница не би им се дозволил влез на територијата на ЕУ.
Во случај на кризни ситуации, како на пример масовни пристигнувања на мигранти, членките имаат право да отстапат од одредени правила од Пактот, како роковите за регистрирање на барателите на азил или времетраењето на граничната процедура, но и да побараат засилена солидарност од другите земји на ЕУ. Тој кризен механизам може да се користи само во исклучителни околности и за строго определено време.
Сега по усвојувањето на реформите, земјите членки имаат рок од две години да ги имплементираат во националните законодавства, за што се очекува Европската комисија да изработи заеднички план за нивна имплементација.