Според истражувањата за грчката политика на Балканот на проф. д-р Далибор Јовановски од Катедрата за историја на Филозофскиот факултет во Скопје, грчките влади уште во 1830 година, значи веднаш откако Грција станува држава под принудна управа на Британија, Франција и Русија, почнале да размислуваат за територијална експанзија на север.
Оттука Македонија од самото формирање на грчката држава била сметана како територија која во иднина треба да влезе во состав на големата грчка држава, иако во тој период приоритет имале други области, како Тесалија и Крит. Привлечноста на Македонија за Грците била мотивирана со потребата од проширување на територијата, затоа што малото грчко кралство не располагало со економски ресурси кои би ги задоволиле потребите на населението.
Затоа на Грција и бил потребен животен простор а тој можел да се најде токму во Македонија, која, и покрај сите проблеми, имала релативно големи и плодни полиња. Барањето на територии морало да се оправда, и токму затоа не ретко многу грчки политичари и јавни личности говореле за Македонија како за историска грчка земја. Во таа насока грчките влади со децении ќе работат на тоа да докажат дека Македонија треба да и припадне на Грција.
Оттука, уште во 1828 година, две години пред да биде прогласена таканаречената грчка независност, на конференција на островот Порос, пред претставници на Големите сили биле предложени два проекта.
Според првиот проект, северната граница на идната грчка држава требало да минува по линијата Волос – Сајдес, а според вториот проект линијата требало да минува од Солунскиот залив, северно од Олимп и Мецово до Јонското море.
Бил испратен и предлог до рускиот цар Александар Први за поделба на Османското царство и формирање на Конфедерација од здружени држави со главен град Цариград. Конфедерацијата би се состоела од кралството Грција, кралството Епир, со Албанија, и кралството Македонија.
Кон оваа Конфедерација би биле приклучени и Српско-бугарското и Влашко-молдавското кралство. За жал, рускиот цар овој предлог не го прифатил.
Сепак, со Лондонскиот протокол од 3 февруари 1830 година, Грција била прогласена за незвисна држава, а со членот два од договорот е прогласена за кралство, со тоа што кралот не може да биде избран од кралските дворови на Англија, Русија и Франција. Големите очекувања на Грците, како на пример, припојувањето на Крит кон новата грчка држава, не се оставариле, но Грците морале да ги прифатат решенијата на големите сили, бидејќи со тоа добиле независна држава, прва меѓу балканските народи, иако во тоа време Грција воопшто не биле балканска туку мала медитеранска, приморска државичка.
Се разбира, веднаш по прогласувањето на назависноста почнале и големите проблеми околу изборот на крал на Грција.
Грчка црква со декрет!
Според договорот меѓу Големите сили, во 1830 година за грчки крал требало да биде избран Леополд Саксенкобурски, но тој набрзо се откажал од тронот на кој воопшто и не седнал. Конечно дури во 1832-та година Големите сили го решиле проблемот со избор на грчки крал, па со нов договор меѓу Англија, Франција, Русија и Баварија од 7 мај 1832 година за грчки крал бил поставен Фридрих Отон, вториот син на баварскиот крал. Новиот грчки крал, според договорот, ја носел титулата крал на Грција а не на Грците. Истите земји потпишале и договор со османлиските власти со кој се утврдила северната граница на Грција, така што таа се движела по линијата Арта-Волос.
Со тоа Грција конечно можела да функционира како некаква независна држава. Секако, пред пристигнувањето на првиот грчки крал увезен од Германија, било потребно да се регулираат и односите помеѓу Грција и Баварија.
На први ноември 1832-та година во Минхен бил потпишан договор за сојуз и пријателство меѓу Баварија и Грција со кој бил регулиран престојот на 3.500 баварските војници на грчка територија на три години. Откако биле регулирани односите, Отон можел да пристигне во неговата нова татковина.
На 6 февруари 1833 година, дошол во Нафплион и се искачил на престолот на грчката држава.
Всушност, на почетокот од своето владеење во Грција, Отон не управувал со земјата, бил малолетен па раководењето во земјата било преземено од тричлено регенство кое го сочинувале Јозеф фон Араманшперт, Лудвиг Маурер и генерал Карл Вилхелм фон Хајдем. Баварското регенство се соочило со тешка економска и политичка состојба во земјата, во која речиси и немало власт. Затоа постепено морале да бидат преземени мерки со кои државата би почнала да функционира.
Во почетокот како најтежок се покажал проблемот во однос на автокефалноста на Грчката православна црква. Со декрет на регенството од 4 август 1833 гдина било прогласено создавањето на Грчката автокефална православна црква, а тоа е сторено без одобрување на Цариградската патријаршија. Кој и кога ја признал грчката црква е прашање што заслужува посебна анализа. Во секој случај, Синодот на новосоздадената расколничка црква му бил потчинет на германскиот крал Отон.
Со декрет било создадено и посебно министерство за вера, а биле направени и реформи во манастирите. Зад создавањето на Грчката автокефална црква стоеле круговите што биле под англиско и француско влијание. Русија не сакала да се согласи со самостојноста на Грчката црква, сметајќи дека тоа не е во склад со нејзините интереси а за тоа имала поддршка и од Цариградската патријаршија, но и од многу Грци во самото кралство, кои биле преврзаници на Цариградската патријаршија.
Прв грчки конзул во Солун пред 186 години!
Кон крајот на 1833 и почетокот на 1834 година, Грција почнала да ги акредитира своите први дипломатски претставници во поголемите европски држави. Во меѓувреме, економските и политичките проблеми поврзани со независноста на државичката од османлиската империја биле предмет и на разговори што се воделе во Цариград. Грчкиот претставник, Зографос, во текот на 1834 година водел тешки разговори со Портата за проблемите со кои се соочувала поранешната турска провинција, сега некаква државичката на Пелопонез. Практичната цел на овие разговори била склучување трговски договор меѓу двете земји но до тоа не дошло. Портата не сакала да се согласи со барањата на грчката страна, кои го повредувале османлискиот суверинитет, но, сепак, грчката страна, со помош на рускиот пратеник Бутењев, успеала, на пример, да издејствува дозвола за назначување конзули.
Притоа, од бараните деветнаесет конзулски и вицеконзулски места, добиеле само седум. Со оваа дозвола, Грција почнала да ги испраќа своите први конзули во османлиската држава, па така на 6 декември 1834 пристигнал и првиот грчки конзул во Солун, а со тоа и официјално почнува дејствувањето на грчката дипломатија на територијата на Македонија.
Конзулот Валијанос бил назначен од својата влада за прв грчки конзул во Македонија со седиште во Солун. Следната година, во јуни, во чест на роденденот и полнолетството на крал Отон, престолнината на Грција била преселена во Атина, која полека почнала да се издигнува од урнатините. Не само физички, туку и духовно, односно со делумно и целосно измислување на делови од историјата, смислена во кабинетите на западните историчари во служба на новата таканаречена западно-европска цивилизација.
Блаже Миневски