Јапонија го освои првото место во група со Шпанија и Германија и со две победи обезбеди пласман во нокаут фазата на Мундијалот во Катар. Јапонскиот тим успеа да ја изненади шпанската селекција и со пресврт стигна до второ славје во низа во групната фаза (2-1).

Јапонците одлучија да се постават дефанзивно и да ја препуштат играта на ривалот. Уште во раната фаза шпанскиот тим притисна и стигна до посакуваната цел. Алваро Мората се запиша во листата на стрелци, по асистенција на Цезар Аспиликуета.

Но, само што започна вториот дел Јапонија се врати во игра. Прекрасна реализација запиша Рицу Доан, кој одлучи да шутира од далечина и не погреши. Азискиот претставник израмни, а неколку минути подоцна јапонската репрезентација направи пресврт. По разгледување на ВАР-снимката, судијата дозволи радост на стрелецот на голот за 2-1, Ао Танака.

По вториот примен гол Луис Енрике го освежи тимот со четири замени. Шпанија тргна по израмнување, со цел да избегне второ место во групата. Промена на резултатот немаше, па Јапонците извојуваа нова голема над фаворит, по онаа над Германија.

Со тоа Јапонија ја испрати дома репрезентацијата на Германија која ја победи Костарика со 4:2, но за понатамошен пласман и беше потребен нерешен резултат на Јапонија со Шпанија.

Во осминафиналето, Јапонија ќе игра со Хрватска, а Шпанија со Мароко. Попладнево шпанските медиуми шпекулираа дека Шпанија можеби намерно ќе загуби за да ја избегне Хрватска, но да не заборавиме дека Јапонија претходно ја победи и Германија.