Меси и Аргентина се пласираа во големото финале на Мундијалот во Катар, откако неочекувано лесно ја декласираа Хрватска со 3:0, оневозможувајќи и на тој начин да го повтори успехот од минатиот Мундијал.
 
Хрватска имаше контрола врз играта во првиот половина час, но работите се променија во 32. минута кога беше досуден пенал за Аргентина по фаул од голманот Ливаковиќ. Дали беше фаул? За Хрватите секако крајно спорен момент, но ниту судијата, ниту од ВАР собата се двоумеа.
 
Прецизен од белата точка беше Меси кој донесе водство за Аргентина од 1-0. Со овој погодок тој стана најдобриот стрелец на Светските првенства во историјата на Аргентина.
 
По дадениот гол Аргентина почна да игра многу полесно и во 39 минута веќе водеше со 2-0.  
 
Во второто полувреме Хрватска тргна поофанзивно, но наместо тоа прими уште еден гол кога Меси си поигра со Гвардиол,асистираше до Алварез, а тој ја смести топката во мрежата на Ливаковиќ за конечни 3-0.
 
Аргентина во неделното финале ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Франција и Мароко. Ден порано Хрватска ќе се бори за третото место со поразениот од овој дуел.