Едно од четири деца во земјите на Европската унија е изложено на ризик од сиромаштија, соопшти хуманитарната организација „Спасете ги децата“.
Новиот извештај на организацијата покажува дека бројот на деца доведени до работ на сиромаштија се зголемил за 200.000 во 2021 година и достигна 19,6 милиони.
Зголемувањето на трошоците за живот, климатската криза и пандемијата на Ковид-19 стојат зад „алармантното зголемување“, велат од „Спасете ги децата“.
Бројките беа „погубни“, изјави Ерик Гросхаус, менаџер за застапување за детската сиромаштија и социјалната нееднаквост за „Спасете ги децата – Германија“. Во Германија, повеќе од два милиони деца живееле во сиромаштија.
– Со едно од пет деца во сиромаштија на национално ниво, не може да има повеќе изговори: германската Влада мора конечно да ги исполни своите ветувања за справување со детската сиромаштија, нагласи тој.
Децата со мигрантско потекло, бегалците, барателите на азил, децата без документи и без придружба се меѓу најтешко погодените, се наведува во извештајот. Во Италија, на пример, 32,4 проценти од мигрантите живеат во сиромаштија, во споредба со 7,2 отсто од италијанските државјани.
Загрозени се и децата кои живеат во семејства со самохрани родители, семејствата со обесправени лица, децата со пречки во развојот и децата кои припаѓаат на етничките малцинства.
Истражувачите го користеле индикаторот AROPE, главниот инструмент што се користи за мерење на напредокот кон целта на ЕУ за 2030 за сиромаштија и социјална исклученост во Европа. Шпанија и Романија имаат највисоки бројки со 33,4 и 41,5 проценти од децата во ризик од сиромаштија, односно социјална исклученост.
Директорката на „Спасете ги децата“ за Европа, Илва Сперлинг, рече дека ниту едно дете не треба да оди на училиште со празен стомак, да се грижи за работата на својот родител или да живее во студена куќа.
– Сепак, влијанието на многуте европски кризи го прави јадењето или загревањето повеќе да не е избор за многу семејства и ги лишува децата од неопходните работи што им се потребни за нивниот развој и благосостојба, рече таа.
– Сега е време за храбри одлуки и стратешко финансирање за брзо проширување на заштитата и ублажување на падот на кризите за сегашните и идните генерации деца, нагласи Сперлинг.