Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку својот Фејсбук профил објави дека во Македонија, поточно во скопската општина Гази Баба ќе се сместуваат Авганистанци.

-Прифатниот центар за странци Гази Баба е формиран и функционира согласно Законот за странци и е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци, односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од државата.

Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа/престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и сл. Центарот претставува објект од затворен тип и е единствена установа во која се сместуваат странски државјани, а која е во надлежност на МВР, стои во неговиот пост на Фејсбук.

Инаку вчера Владата потврди дека Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати бегалци од Авганистан.

-Во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан, посочија од владината прес-служба.